Министерката за одбрана Славјанка Петровска на средба со амбасадорката на Велика Британија во земјава, Рејчел Галовеј, изјави дека Македонија и Обединетото Кралство имаат исклучително интензивна соработка во одбраната и дека намерата на двете земји е таа соработка да продолжи да се развива.

Заедно постигнавме многу, но ќе продолжиме да бидеме амбициозни и да наоѓаме начини за уште поголем број на заеднички активности, вежби, обуки, школувања и убедена сум дека тоа ќе го постигнеме зашто постои искрена волја за соработка и поддршка од двете страни – изјави Петровска.

Амбасадорката Галовеј порача дека Обединетото Кралство силно ја поддржувало Македонија на патот кон НАТО, а по зачленувањето во Алијансата, соработката меѓу двете земји во повеќе области, а особено во областа на одбраната, се продлабочила.

Таа соработка во иднина нема да загуби од своето темпо – порача Галовеј.

Петровска и Галовеј разговараа и за ситуацијата во и околу Украина, при што го поздравија единството на сојузниците во НАТО во овој контекст, како и напорите за изнаоѓање на дипломатско решение на комплексната ситуација.

Како што соопшти Министерството за одбрана, Македонија и Обединетото Кралство соработуваат во областа на обуките и во таа насока е воспоставената Координативна ќелија составена од британски офицери со кои соработуваме во развојот на полигонот Криволак како корисен национален и НАТО капацитет. Британски војници ќе бидат дел и од вежбата „Одлучен Одговор 22“, која е и најголемата воена вежба која годинава ќе се одржи на армискиот полигон Криволак.

Обединетото Кралство ја помага и поддржува и трансформацијата на Армијата согласно стандардите на Алијансата и тоа преку британскиот советник, бригадниот генерал Џон Баурон стациониран во Министерството за одбрана – се додава во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.