Славјанка Петровска, поранешната министерка за одбрана и сега еден од четирите кандидати за претседател на СДСМ, во интервјуто за „Независен“ не се воздржува да каже дека двајца од четирите кандидати за лидер на СДСМ треба да се повлечат „ако ѝ мислат добро на партијата“.

Мораме да расчитиме со лошите навики на носење одлуки во тесен круг на раководството и креирање политики во одбрано друштво, без притоа членството да биде консултирано или во најмала рака на време информирано за одредени процеси.
Нема да толерирам двојни игри на штета на партијата и членството, ќе бидам гласна и јавно ќе ги обелоденам оние кои сакаат партијата да ја држат во заложништво за лична заштита. Сите противкандидати ми се другари, многу имаме поминато заедно, но двајца од нив мора сериозно да размислат да се повлечат, ако и мислат добро на партијата, вели меѓудругото Петровска.

На прашањето каде таа ги лоцира причините за повеќе од лошите резултати на СДСМ на парламентарните и на претседателските избори, вели дека тие се резултат на неисполнувањето на неколку клучни ветувања.

Бројчаникот за вратените украдени пари не се постави. Јавноста беше сведок на изигрување на правдата и смеење во лице на сите нас кои чекавме правда. Бегството на Груевски остана неразјаснето, без никој да поднесе одговорност. Неказнивоста на министри и директори кои во своето работење предизвикуваа скандали и незадоволство кај граѓаните, немањето свидителства на крајот од учебната година, немањето учебници на почетокот на учебната година, зафаќање со реформи за кои се немаше претходна подготовка. Скандалите поврзани со Боки 13 и поддршката од високи функционери на СДСМ, случајот Рекет. Што се случи со нема правда, нема мир?

Токму за овие работи треба да се разговара внатре во партијата, но и конечно да се лоцира персонална одговорност за одредени прилично сериозни грешки.

Не беа извлечени поуки ниту од резултатите во 2020. Да, математички ги добивме, ама политички ги изгубивме. И тогаш во некои општини и избирачки места се забележуваше дека губиме гласови, но не се стави акцент на тоа. Сето ова успеа да ги сруши сите позитивни резултати кои се постигнаа изминатите 7 години, вели Петровска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.