Како дел од завршните активности со кои Армијата на Република Македонија го одбележува својот 30 годишен јубилеј, во Домот на Армијата во Скопје се одржа свечен собир на припадниците на Армијата од Генералштабот и вработените во Министерството за одбрана.
На собирот, со соодветна церемонија беа доделени голем број на признанија за остварените резултати и придонесот за Армијата на од составот на Генералштабот и Министерството за одбрана, како и унапредувања во повисок чин на припадници на Армијата кои ги исполнуваат условите.
Воедно од страна на Министерката за одбрана Славјанка Петровска и Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски се доделија признанија и на претставници од институциите со кои соработуваат Министерството за одбрана и генералштабот.
Министерката за одбрана, Петровска пред вработените во Министерството и припадниците на Армијата порача дека денешниот јубилеј не е само бројка, туку дека 30 години Армија значи 30 години сигурност, безбедност и државност. Подвлече дека секој припадник на Армијата, секој вработен во одбраната има свој удел во создавањето на армија со препознатлив имиџ за професионалност, дисциплина, мотивација и успех и дека токму со нивната енергија и посветеност ја остваривме нашата клучна стратешка цел – членството во НАТО.
„Бевме сами, а сега сме дел од една милијарда луѓе под колективниот безбедносен чадор на НАТО. Армијата има за што да биде горда пред своите граѓани затоа што вие чесно, мотивирано и професионално си ги извршувате своите задачи, но и многу повеќе од тоа. Кога дојдов на позицијата министерка за одбрана, првото нешто што го реков е дека од ниту еден вработен во Министерството и во Армијата не барам ништо повеќе од она што го имам зацртано за себе. А, првенствено, тоа е посветеноста кон одбраната и татковината, истрајноста која носи видливи резултати и амбицијата која отвора нови можности за подобра Армија, задоволни армиски припадници и побезбедна држава. Способностите на Армијата не се само зборови на хартија, туку вештини на дело. Армијата на дело покажа дека е способна и мотивирана. Дека функционира според највисоките НАТО стандарди. Нашиот Лесен пешадиски баталјон е првата поголема единица која неодамна беше оценувана според стандардите за оценување на борбена подготвеност на НАТО. Можеме да одиме со исправена глава, зашто покажавме дека сме на одличен пат да ги исполниме сите зацртани НАТО цели на способности. Тоа првенствено е ваша заслуга“, рече министерката Петровска и додаде дека Министерството инвестира во кадар, опрема и модернизација кои ја зацврстуваат Армија.
Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски честитајќи го јубилејниот празник на сите припадници на Армијата, како и на унапредените, пофалените и штотуку пензионираните, упати порака да се продолжи со уште поголемо залагање и динамика во остварување на поголеми резултати, како што доликува на Армија членка на НАТО.
Приоритети во понатамошниот период ќе бидат реформите трансформацијата, модернизацијата, како и постигнување на поголема психофизичка способност и обученост со цел оправдување на големиот рејтинг и почит која ја ужива Армијата кај граѓаните и во државата.
Покрај министерката Петровска и генералот Ѓурчиновски пред присутните се обратија и поранешните началници на ГШ, генералите Горанчо Котески и Методија Величковски кои оваа година ги исполнија законските услови за заминување во пензија на кои за дадениот придонес во развојот на Армијата во текот на вршењето на должноста им беа врачени соодветни признанија.
Во своите обраќања до присутните, генералите Величковски и Котески го истакнаа своето задоволство што беа дел од Армијата за овие триесет години и учествуваа во нејзиниот развој, притоа посакувајќи уште поголеми успеси во понатамошниот период.
Во рамки на церемонијата од страна на командантот на националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт, кој присуствуваше на прославата во рамки на дводневната официјална посета на државата, исто така се доделија признанија на припадници од Армијата за нивното залагање за извршување на задачите во текот на најголемата меѓународна вежба „Swift Response” која беше реализирана оваа пролет на АП Криволак.
По завршување на собирот од страна на министерката за одбрана, Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и присутните беше посетена изложбата на фотографии по повод јубилејот „30 години Армија“ која се наоѓа во холот на Домот на Армијата и која е отворена за посетителите во следниот период.
Собирот е дел од завршните планирани активности со кои се одбележува јубилејот 30 години од формирањето на Армијата, во чиј склоп вечерва со почеток во 18.30 часот, на воениот стадион во градскиот парк во Скопје ќе се реализира отворен настан за граѓаните.
Централната свеченост по повод одбележување на јубилејот ќе се реализира утре, 18ти август во касарната Илинден во Скопје, додека во останатите гарнизони каде се сместени командите и единиците на Армијата, воени свечености се реализираа во текот на денешниот ден.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.