Ви простив што гласавте за симнување на мојот имунитет, ме притворивте пред деца и прерано ми пресудивте. Но, никогаш нема да ви простам ова што го правите на Република Македонија, им порача пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска на парламентарното мнозинство на денешната седница на која се дискутира за францускиот предлог.
Пешевска рече дека францускиот предлог кој што се обидува да го протне владата на СДСМ и Димитар Ковачевски ја запечатува судбината на македонскиот народ, укажувајќи дека тоа што истиот се дискутира во собрание е всушност поделба на одговорноста која што власта не сака да ја преземе.
Со овој предлог ја запечативте судбината на македонскиот народ за многу години во иднина. Инаку, самото вмешување на собранието е само по себе преседан бидејќи се работи за меѓувладина седница, а не собраниска. Па оттука собранието е само параван на оваа влада и купување на време за да ја подели одговорноста со нас пратениците за документи за кои ниту сме консултирани, прашани, туку брутално заобиколени и маргинализирани, изјави таа.
За овој предлог сега во Македонија има револуција, сите експерти, историчари се против предлогот. Ако според изјавите на Османи истите се во заблуда и неинформирани како што рече самиот тој, тогаш реките од народ се доказ кој што ви се случуваат секојдневно изминатите денови, истакна Пешевска.
Според Пешевска овој предлог значи погреб за Македонија, и ги повика пратениците од пратеничкото мнозинство да се свестат што прават и да соберат храброст да излезат да им кажат на граѓаните што сакаат да постигнат со прифаќањето на францускиот предлог.
Со овој лист хартија вие ќе ја погребите Македонија и затоа тој не треба да постои, а вие излезете со граѓаните надвор и кажете им што точно планирате со Македонија. Освестете се, им порача Пешевска на пратениците од СДСМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.