Претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Пешевска, се обрати на годишната конференција на организацијата.
Обраќањето на Пешевска го пренесуваме во целост.
„На самиот почеток дозволете ми со еден длабок наклон да ги поздравам членките на Унијата на жени – синоним за макотрпна работа и посветеност на идеалите, да им се поклонам на моите лавици без кои Унијата на жени немаше да биде ова што е – НАЈМОЌНАТА ПОЛИТИЧКА ЖЕНСКА ОРГАНИЗАЦИЈА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!
Да сте ми живи и здрави и ви благодарам што постоите.
Токму овие жени се реализатори на околу 2.000 активности годишно, насекаде низ Македонија, активности со кои третираат различни целни групи, маргинализирани групи, трибини со актуелни теми, хуманитарни акции итн.
25 години Унијата на жени е столбот и стожерот на партијата.
Нашата сила е во упорноста и неуморноста, во истрајноста и посветеноста, во нашите заеднички заложби за подобро утре на нашите деца и најмногу во нашата цврста одлучност за промени.
Ги повикувам сите жени во Македонија, заедно да се потсетиме на битките што ни претходеа, а кој ќе ги вткаеме во битките кои ни следуваат. Затоа што борбата за жената, борбата за Македонија е борба која трае.
Да се обединиме и да сплотиме за се што ни е исто и заеднички и храбро да чекориме кон нашата цел – НОВА – ПОДОБРА ИДНИНА.
Силата од минатото нека биде наш патоказ кон иднината!
Сите ние како жени, сме одговорни за верата, љубовта, вистината и за се она што е морален код во домот, во семејството, традицијата и посебно во поуката на нашите рожби – нашите деца.
Нашите деца растат со приказните од своите баби, кои се пренесуваат од колено на колено и така стануваат неизбришлив дел од нашата колективна меморија.
Почитувани присутни,
Ве повикувам токму ние да бидеме примерот по кој ќе чекорат идните генерации, како што наш пример се: Лидија Македонката, Злата Мегленска, Параскева, Марија, Велика, Мирка Гинова, Румена Војвода, Неда и уште многу жени низ историјата кои биле пример за борба и непокор!
Во секоја од нас живее по една Марија, од секоја од нас зборува една Неда!
Како земја со тешко минато, сме биле сведоци на фактот дека жените биле честопати обезправени, но никогаш обезхрабрени!
Македонската жена е пример за истрајна природа која верува и опстојува, наспроти сите предизвици. Нежна, но нескршлива. Навидум споредна, а сепак движечка сила во сите процеси. Поради својата интуиција, борбен инстикт, посветеност, темелност и одлучност да успее.
Од досегашното искуство, од сето она што се случува околу нас, не сум сигурна дека секој верува, но сигурна сум дека сите ние, заедно ќе продолжиме да настојуваме да ни веруваат. И заедно ќе го дочекаме тој час, затоа што знаеме, умееме и заслужуваме!
Ова не е тврдење кое се темели на пуста желба или неоправдана амбиција. Ова тврдење е плод на макотрпна работа, надминати препреки, храбро соочени предизвици, издвојувани победи и креирани решренија. И сето ова со многу жртвување од Вашето слободно време, од времето кое треба да го поминете со Вашите семејства и ЗАТОА ВЕ ПОЧИТУВАМ БЕЗКРАЈНО, БИДЕЈЌИ ВИЕ СТЕ ЈАС, А ЈАС СУМ ВИЕ!
И дозволете ми да кажам дека и покрај се, воопшто не било лесно да се докаже дека жената му дава сила на општеството! Но денес имамe повеќе можности од порано токму поради борбата на претходните генерации на жени, на кои сме им благодарни. Покрај тоа што денес жената е модерна, образована и вклучена во општеството, но не доволно бидејќи се соочуваме со стереотипи, кои не се менуваат брзо. Стереотипите се менуваат уште во воспитувањето на нашите деца, дека нема поделба на машки и женски работи во домот. Потоа жената, како и сите други во општеството мора да има сигурна здравствена заштита, бидејќи таа е значајна за нашиот пород, во никој случај жената не смее да стравува дали на породување ќе изгуби органи или живот. Ни треба образовен систем подеднакво достапен за сите, а не образование без книги! Понатаму, социјална правда за жените преку еднакви плати за иста работа и поголема вклученост на жените на пазарот на трудот!
Така би постигнале економско зајакнување на жените во општеството и еднаков пристап до ресурси. Инвестирањето во жените е гаранција за напредна економија, демократија и благосостојба во секое семејство, во секое општество.
Сите овие чекори кои ги набројав се патот до постигнување на родова рамноправност, нешто што е наша дамнешна заложба. Никако несакам да се разбере ова како борба против мажите, туку како борба заедно со мажите, бидејќи проблемите на жените се и проблеми на мажите и само заедно може да ги победиме. Ние сме еднакви по устав, еднакви во популација и треба да уживаме исти права. Затоа наша заложба, како жени во политиката е еднаква застапеност на пратеничките и советничките листи помеѓу мажите и жените.
Сакам со особено задоволство да споделам дека по локалните избори во 2021 година имаме најголем број на жени претседателки на Советите во општините, односно најголема бројка во историјата на Република Македонија. Благодарение на поддршката која жените во партијата ја имаат од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. др. Христијан Мицкоски и соработката со претседателите на општинските комитети на партијата. Но, морам да искажам разочарување за бројот на министерки во Владата, за бројот на градоначалнички, но и тоа што досега во државата не сме имале жена премиерка, ниту жена претседателка на државата, иако ВМРО-ДПМНЕ на претседателските избори во 2019 година за првпат ја искажа својата најсилна поддршка кон жените со номинацијата на професорката Гордана Силјановска Давкова за кандидат за претседателка на Македонија.
Би сакала родовата рамнопраност да дојде сама по себе како нешто природно, а не наметнато, но живееме во општество во кое се задолжителни квоти во изборниот законик, кои иако се навредливи сепак благодарение на нив сме застапени на листите.
Остануваме цврсто на својата улога на претставник на македонските жени, македонските мајки и сестри.
Во исто време, ги поттикнуваме и охрабруваме македонските жени јасно да ја видат својата улога во општеството. Улога на модерна жена, но и чувар на семејните вредности и традиции, улога на добар претприемач но и добра мајка, жена и сопруга, жена која е посветена на кариерата, но и жена која не го заборава семејството. А токму семејството е основниот столб на секое општество и мотив за секоја една од нас.
Почитувани пријатели,
Како во минатото, така и во иднина, Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да биде значаен сегмент кои ги обединува сите жени со цел да се сочуваат македонските семејни вредности за кои ние самите сме одговорни и кои имаме обврска да ги пренесеме на нашите деца, затоа што еден ден, токму нашите деца ќе продолжат да се грижат за тоа огнот во македонското огниште никогаш да не згасне.
Унијата на жени е еден од најмоќните фактори во борбата против половата дискриминација, насилството врз жената, слободата на жената и воопшто правата на жената. Повеќе жени – значат повеќе решени проблеми, повеќе жени – значат поголеми успеси, а политиката во која се вклучени повеќе жени – значи подобра политика.
Продолжуваме да бидеме активен чинител во придвижувањето на Македонија кон Европската унија и запазувањето на европските вредности.
Во исто време, Унијата на жени како дел од Европската народна партија, целосно ја поддржува и се заложува на имплементација на резолуцијата женски визии за Европа, односно унапредување на политичката еманципација на жените и промовирање на важни прашања поврзани со жените како што се: родовата еднаквост на пазарот на трудот и женското претприемништво, фокус на улогата на жените во промовирањето на слободата, правдата, човековите права и демократијата.
И сосема на крајот, сакам накратко да се остврнам на актуелната состојба во Република Македонија.
Имаме огромна задолженост на земјата која вртоглаво се зголемува, а нашата Влада не прави ништо за да го заштити трудот и производството, туку целиот товар на сите видови кризи што секојдневно ги создава го става на грбот на работниците, земјоделците, невработените, пензионерите, ранливите категории, а најмногу на нас – жените!
После 6 години власт, веќе на сите ни е јасно дека оваа Влада нема намера да се грижи за обичните граѓани. Имаме Власт која незнае што е реформа, власт која не умее да работи, а уште помалку да покаже резултати.
Заборавивме дека постои економија, незнаеме што се инвестиции, владеењето на правото и правната држава станаа мисловна именка, образованието ни е пред колапс, здравството ни е болно, инфраструктурата е катастрофална, администрацијата заборавена. патриотите се во затвор, а криминалците се на слобода и ја водат државата!
Македонија секојдневно ни тоне, буквално на секое поле!
Затоа, почитувани мои лавици, Ве повикувам на единство, Ве повикувам на борба против оваа одродена власт, Ве повикувам заедно да ја градиме нашата европска иднина, со чиста мисла, искрено и достоинствено да се вклучиме во сите процеси за вистинска и коренита обнова на Република Македонија.
Да ставиме крај на тиранијата на мнозинството, да се избориме за Влада која ќе ги слуша проблемите и ќе нуди решенија, а на чело на државата да ставиме човек на кој сите му веруваат и човек кој покажа како се испорачуваат резултати.
Тоа е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. др. Христијан Мицкоски!
Сега е моментот кога мора да се обединиме во идејата за заедничка иднина!
Идејата е доволно силна, а мотивот доволно голем да си ја сочуваме татковината!
Ве повикувам да бидеме предводници на промените кои следуваат, затоа што сме одлучни за промени!
Да живее Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ!
Да ни е вечна и вековита Република Македонија!“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.