Финансиска помош за пензионерите од по 1000 денари за април, мај и јуни и промена на методологијата за усогласување и пораст на пензиите, договорија Владата и претставници на Сојузот на здруженијата на пензионерите и Партијата на пензионерите. Од Владата велат дека со новата методологија ќе се креира модел кој ќе овозможи усогласување и пораст на пензиите кои нема да зависат од политичката волја на која било власт. Пензионерите се задоволни со решението, бидејќи со него, како што велат, се утврдува дека пензиите се економска, а не социјална категорија.

Финансиската поддршка за пензионерите, како што појасни синоќа по средбата премиерот Димитар Ковачевски, се обезбедува заради економската криза која е предизвикана и од КОВИД-пандемијата, но и од конфликтот меѓу Украина и Русија.

Заради енергетската криза и заради економската криза која произлегува, како од корона-кризата, така и од војната која што се води во Украина, се договоривме Владата да исплати финансиска помош на сите пензионери од по 1.000 денари за три месеци – април, мај и јуни, што треба да помогне во зголемувањето на буџетот на пензионерите, истакна премиерот.

Тој истакна дека на средбата се договориле да го прифатат предлогот на пензионерите за воведување нова методологија за порастот на пензиите врз основа на таканаречена швајцарска формула односно учество на 50 отсто зголемување на трошоците на живот и 50 отсто учество на порастот на минималната плата.

Усогласувањето на пензиите ќе се врши двапати во годината и тоа во март и септември кога Државниот завод за статистика ги дава официјалните податоци.

Со воведувањето на оваа методологија и со зголемувањето на пензиите, во 2022 во однос на 2021 година имаме историски најголемо покачување на пензиите. Со ова потврдуваме и исполнуваме уште едно од ветувањата дадени на денот кога ја избиравме Владата, а тоа е дека грижата за пензионерите ќе биде нејзин врвен приоритет, истакна Ковачевски.

Со ова, додаде тој, ќе се креира модел кој ќе овозможи усогласување и пораст на пензиите кои нема да зависат од политичката волја на која било власт.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека не станува збор за нов, туку за методот за покачување на пензиите кој беше на сила до 2008 година, кога СДСМ го укина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.