Бугарија веќе нема да толерира насилство од РСМ, изјавил претседателот Румен Радев, кој го прими тепаниот Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид.
Како што јавуваат повеќе бугарски медиуми, Радев ваквиот став го искажал на средбата со Пендиков, кој во Охрид беше претепан наводно „поради бугарскиот идентитет“.
Радев ѝ честитал на мајката на Пендиков за тоа што „одгледала достоен син, а на Христијан за храброста да го одбрани своето бугарско име“.
Бугарија ќе ги користи сите национални и меѓународни инструменти за заштита на нивните права, рече Радев, а Софија ги информирала и меѓународните партнери за уште една антибугарска кампања во РСМ, се вели во соопштението на Кабинетот на Радев.
Институциите кај нашиот југозападен сосед мора со дела да докажат дека не се симпатизери на повеќегодишната омраза кон Бугарија, рече Радев.
Тој инсистира виновниците да бидат откриени и ефективно казнети, а Бугарија, како што рече, „ќе ги следи постапките на институциите во РСМ за да го гарантираат животот и здравјето на своите граѓани, кои и покрај систематската репресија продолжуваат да го бранат својот бугарски национален идентитет“.
Радев уште еднаш нагласи дека „услов за европската иднина на РСМ е вклучувањето на Бугарите во Уставот, посветеност на институциите за искоренување на јазикот на омразата кон Бугарија и Бугарите, како и спроведувањето на билатералниот Договор за добрососедство“.
Пендиков на фотографијата со претседателот на Бугарија Радев и потпретседателката Илијана Јотова изгледа видно закрепнат, нема ниту една модринка од подливите што ги имаше на фотографиите од Охрид. Во недостаток на научно објаснување, заклучуваме дека во Софија се закрепнува од претепување со неверојатна брзина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.