Актуелниот претседател и кандидат за нов мандат Стево Пендаровски говорејќи за анкетите за претстојните претседателски избори во вчерашната „Тема на денот“ на ТВ Сител рече дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски зборува дека нивниот кандидат ќе води со над 100 илјади гласови во првиот круг од изборите, без притоа да каже како ќе биде соодносот во вториот круг.

Сите нивни прогнози се базираат на првиот круг. Никој никогаш не станал, со седум кандидати, претседател во првиот круг. Значи анкетите кои јас ги знам, а ги знаат и во ВМРО-ДПМНЕ, е дека во вториот круг јас сигурно го добивам нивниот кандидат, рече Пендаровски.

Образложи дека условот еден кандидат да победи во првиот круг е за него да гласаат 50 проценти плус еден граѓанин, од сите луѓе запишани во избирачкиот список, значи околу 900 илјади граѓани, што, како што истакна претседателот тој, е апсолутно невозможно.

За тоа дали поддршката на СДСМ оди во негова корист, Пендаровски рече дека на вчерашниот конгрес на партијата се покажало дека постои висока компатибилност на партиското гласачко тело со еден кандидат кој не е член на политичката партија.

Пендаровски рече дека тој ја очекува поддршката од сите етнички заедници, затоа што како што посочи, никој не може да стане претседател ако не добие широка граѓанска поддршка.

На изборите ја очекувам поддршката од сите етнички заедници и од сите политички партии кои се репрезенти на тие етнички заедници. Многу пати сум го кажувал тоа и го тврдам: не можеш да станеш претседател ако не те поддржат сите, во една значајна бројка, посочи Пендаровски.

Според него, широката поддршка е нужна не само заради одзивот туку пред се и за понатамошниот политички легитимитет и кредибилитет на претседателот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.