Шефот на државата Стево Пендаровски се обрати попладнево на Генералното собрание на Обединетите нации порачувајќи дека меѓународниот поредок е темелно разнишан на повеќе точки во светот и дека стравот стана заеднички именител на сите.

„Агресијата на Руската Федерација врз Украина продолжува со несмалена жестокост што е флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации и на принципите на меѓународното право, во континуитет. Станува збор за најголемата безбедносна криза по Втората светска војна, со глобални последици кои, повеќе или помалку се чувствуваат на сите континенти. Со секој изминат ден, се зголемуваат страдањата на украинскиот народ, се уништуваат материјални добра и расте опасноста од ескалација. Најостро ја осудуваме агресијата врз Украина, како што тоа го направија и огромен број членки на нашата организација. Се залагаме за безусловно повлекување на руските окупаторски трупи и за почитување на украинскиот суверенитет и територијален интегритет, во рамки на нејзините меѓународно признаени граници. Повелбата на Светската асамблеја во таа смисла е кристално јасна ‒сите отворени прашања било каде во светот мора да се решаваат по мирен пат, со преговори и дијалог, со одрекување на употребата на сила“, порача Пендаровски.

Тој притоа забележа дека планетарната безбедносна архитектура, во чија основа е токму ОН, е посебно разнишана бидејќи постојана членка на Советот за безбедност илегално напаѓа земја членка на истата организација.

Според него, војната во Украина креира состојба на општа непредвидливост и кризи коишто меѓусебно се поттикнуваат, особено во снабдувањето со храна и енергенти. Недостатокот од храна ги загрозува најсиромашните и се заканува во многу делови од светот да предизвика хуманитарни катастрофи со незабележани магнитуди.

Осврнувајќи се на Македонија тој порача дека од првиот ден на нашата независност, пред повеќе од 30 години, земјата на најдобар можен начин ја манифестира својата приврзаност кон принципите на мирот, продлабочената регионална соработка и решавање на отворените прашања по пат на дијалог.

„Во 1991-та година, отворивме процес на внатрешно демократско созревање, преку афирмација на правата на етничките заедници до највисок можен степен и негување на културата на дијалог при решавање на проблемите на внатрешен план, но и во односите со соседите. Го прифативме компромисот како начин на решавање на проблемите, не како израз на слабост, туку, напротив, како израз на самодоверба дека сме способни да ги заштитиме сопствените интереси без да ги повредиме интересите на останатите.

Почитувајќи ги принципите во кои самите веруваме, продолжуваме да даваме активен придонес кон мирот, стабилноста, демократските вредности, одржливиот развој и економскиот просперитет. Оваа година, претседаваме со ОБСЕ, најголемата регионална безбедносна организација, во време исполнето со предизвици без преседан, но и во такви услови, настојуваме да ја задржиме релевантноста на Организацијата, тргнувајќи од темелните принципи од Повелбата на ОН и Завршниот акт од Хелсинки.

Остануваме меѓу најголемите промотори и на регионалната соработка во Југоисточна Европа, настојувајќи, истовремено, да ги исполниме критериумите за членство во Европската унија, не подоцна од 2030-та година. Кај нас не постои дилема дека јакнењето на демократските институции, во континуитет, со загарантирана рамноправност на сите граѓани, е единствениот можен пат до поголема кохезија во едно мултиетничко општество“, рече Пендаровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.