Искрено се надевам дека следната недела во Брисел, лидерите на Европската Унија конечно ќе го исполнат своето ветување од март 2020, кога Советот за општи работи едногласно донесе одлука во најбрз можен рок да почнат пристапните преговори со Македонија, истакна претседателот на државата Стево Пендаровски на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во Охрид.

Шефот на државата смета дека посетата на Мишел во овој, како што рече, турбулентен период за Европа и за светот, на само неколку дена пред јунскиот самит на ЕУ, укажува на потребата од координација на чекорите меѓу Балканот и Унијата во очи на нужноста од решителни и принципиелни одлуки.

Денес разговаравме за тоа дека со пролонгирање на македонските евроинтеграции се разнишува кредибилитетот на Европската Унија што истовремено значи и опаѓање на нејзиното влијание меѓу нашите граѓани. Условувањето од страна на земја членка кон земја кандидат за членство од билатерални причини не само што флагрантно го прекршува ветувањето за европска иднина на земјите од западниот Балкан, туку може и целосно да ја компромитира политиката на проширување и да прерасне во опасен преседан кој ќе стави крај на овој процес кој, инаку, со години беше сметан за најдобра надворешна политика на Унијата – истакна Пендаровски.

Проектот за обединета Европа, според него, отсекогаш содржел и јасен геополитички аспект. Но во овие моменти на војна на континентот, рече тој, таа негова димензија е посебно нагласена.

Затоа, за опстанок на политиката на проширување на Европската унија, неопходна е зголемена геополитичка одговорност особено кај земјите членки на ЕУ. Наспроти реалните разочарувања и заморот од чекањето за пробив на европскиот пат, за нашата посветеност, меѓу другото, најсилно зборуваат две работи: од една страна, нашето целосно, 100-процентно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и приклучување кон сите пакети на санкции кон Руската Федерација, а од друга – Европската Унија и понатаму е нашиот далеку најважен трговски партнер, обезбедувајќи поддршка и финансиска помош за спроведување на неопходните реформи. Остануваме во исчекување на заедничкиот состанок на лидерите на Европската Унија и на Западниот Балкан, кој ќе се одржи 23 јуни во Брисел, а за кој мојот денешен гостин исцрпно ме информираше – нагласи Пендаровски.

Истакна и дека секоја иницијатива која реално би придонела за откочување или забрзување на интеграцискиот процес е добредојдена.

Во тој контекст ја гледаме и најновата идеја за поголемо обединување меѓу нас, преку новата форма наречена Европска политичка заедница. Се разбира, таа заедница ја разбираме не како утешна награда или како компензација за членство, туку само како дополнителен инструмент кој ќе помогне за побрзи интеграции и поголемо единство во Европа – додаде Пендаровски.

Му се заблагодари на Мишел и на челниците на европските институции што се обидуваат да ја одржат евроинтеграцијата на регионот да биде високо на листата на приоритети.

Во услови на повеќекратни кризи и актуелна војна на европско тло, тоа ја потврдува свесноста за ургентноста од доследно испорачување според заслугите на секоја земја од нашиот регион. Посакувам успешен самит со донесување одлуки кои ние одамна ги заслужуваме – рече Пендаровски на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.