Сите протерани руски дипломати од Македонија излегувале надвор од статуст што им е даден при доаѓањето и тоа е докажано до последната буква, вели претседателот Стево Пендаровски во интервјуто за Гласот на Америка на македонски (ВОА).

Според Пендаровски тие биле со статус на дипломати, а се занимавала со шпионажа, како и дека нашите служби со партнерските служби од НАТО го докажале тоа.

Односите меѓу нас и Руската Федерација се на најниско ниво во историјата од познати причини. Во изминатите две години ние протеравме, без последниве тројца, 18 руски дипломати, кои беа со статус на дипломати и се бавеа со шпионажа. Секој поединечен случај од тие 18 и овие три плус, нашите служби со помош од партнерските и пријателски служби од НАТО алијансата докажаа до последна буква дека тие излегуваат надвор од статусот кој им е даден при доаѓањето во Македонија. Значи тие не беа дипломати и заради тоа беа протерани, вели Пендаровски.

На прашањето за реципрочните мерки кои Руската Федерација ги најави кон Македонија, Пендаровски вели дека логично тоа да се случи, но нагласува дека земјава немала друг избор освен да побара дипломатите да си одат.

Сите служби кои се надлежни за тие работи кај нас и онаа за надворешно разузнавање и онаа за внатрешно имаат заеднички извештај во однос на активности на тие тројца дипломати и одлуката на државниот врв беше немионовна, нема тука избор, нема опција. Премногу е јасно дека тие не се бавеле со дипломатски активности онака како предвидуваат Виенските конвенции, додава Пендаровски.

На 15 септември амбасадата на Руската Федерација во земјава, преку објава на социјалната мрежа „X“ пренесе коментар на портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова во кој се вели дека тројца руски дипломати се прогласени за персона нон грата, односно за непожелни во земјава од страна на македонските власти.

Потегот на македонските власти, како што се наведува, се случил на 12 септември, без објаснување на причините.

Русија прогласувањето на тројцата дипломати за непожелни го оценува како неодговорен и непријателски чин и најавува дека нема да остане без одговор.

Ден подоцна македонското Министерство за надворешни работи ја потврди веста дека тројца руски дипломати се прогласени за непожелни во земјава од страна на македонските власти. Во соопштението на МНР стои дека на ваквиот чекор се решиле по информациите што ги добиле од надлежните органи за преземени активности спротивни со Виенската конвенција за дипломатски односи.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.