Се плашам дека во целиот регион и кај нас се создава перцепција дека Европската Унија нè мами. Како да им се објасни на македонските граѓани дека за пристапувањето во ЕУ се оценува според т.н. мерит систем, односно напредуваш ако ги исполниш критериумите, кога тоа не се случува, изјави претсeдателот Стево Пендаровски во емисјата „Само интервју“ на ТВ Канал 5, прашан за македонската евроинтеграција и последниот Самит на ЕУ на кој беше донесена одлука за доделување кандидатски статус на Украина и на Молдавија.
– Велат тие што заслужуваат напредуваат, ама се гледа дека не непредуваат. Ние сменивме име на државата, клучните европски лидери во 2018 преку видеопораки велеа – уште ова и почнувате преговори. Во меѓувреме имаше уште три-четири услови кои немаа врска со Бугарија, новата методологија што ја предложи Франција, чекавме германскиот Бундестаг осум месеци да го види и да каже „да“,…, истакна Пендаровски.
За празното столче на унгарскиот премиер Виктор Орбан кога се одлучуваше за Украина и зошто тоа не можело да биде направено и со бугарскиот претседател Румен Радев кога се решавало за нас, шефот на државата рече дека европските лидери тоа тогаш не сакале да го направат. – Сила Бога не моли, а ние сме мала земја, кажа Пендаровски.
Во врска со бугарските барања, одбивањето на опозицијата да прифати уставни измени и тврдењата дека е можна нова преговарачка рамка со ЕУ и гаранции од Софија дека ќе нема нови блокади, Пендаровски вели таквите изјави се даваат од политикантски причини. Според него, внесувањето на Бугарите во Уставот е единствен услов за продолжување на преговорите со ЕУ.
– Од сите грозни предлози на Бугарија контра македонскиот идентитет, остана само ставање на Бугарите во Уставот. Тие што тврдат дека ќе има нова преговарачка рамка или гаранции дека ќе нема нови блокади, тоа го говорат од политикантски причини. Барањата на Бугарија беа анахрони и надвор од реалноста. Софија не се откажала од тој наратив, но ги потроши своите кредити и од Брисел им кажаа – заборавете на другите барања, само Бугари во Устав. Ние ќе станеме членка не ЕУ тогаш кога тоа ќе го одобрат големите сили. Но, кога ќе станеме членки сигурно нема да го преземеме бугарскиот историски наратив како наша историја. Тоа не е предуслов, изјави претседателот Стево Пендаровски.са/
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.