Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски денеска, изборниот караван го започна со средба со граѓаните на Македонска Каменица, а се сретна и поразговара и со жителите на Пехчево и на Берово.
Посочувајќи дека често доаѓа во овие градови и запознаен е со проблемите на локалното население, Пендаровски истакна дека знае дека многумина од нив поминале низ голготата на владеењето на ВМРО – ДПМНЕ. Во контекст на актуелните случувања со блокадата на Бугарија, Пендаровски посочи на ставот на опозицијата дека ќе го поништи Договорот од Преспа и „магично“ ќе го реши проблемот со Бугарија.
Сакаат да ги поништат сите договори и да почнат сè од почеток. Да не ве лажат, тие имаат само план за власт. Тие велат Рамковниот договор не им се бендисува, ама само што ќе дојдат на власт веднаш прават коалиција со албанска партија. Ако се на власт ќе владеат исто, затоа што станува збор за истите луѓе. Генералниот секретар на Груевски е денешен претседател на ДПМНЕ. ВМРО треба да каже кои јаки меѓународни пријатели ги имаат за да сменат нешто со Бугарија. А ние знаеме кои се нивни пријатели, подвлече Пендаровски.
Во оваа насока кандидатот за претседател Пендаровски истакна дека ниту една политичка гарнитура не можеше да ја интегрира Македонија во НАТО и додаде дека благодарение на пријателите на оваа земја го постигнавме максимумот и склучивме добри договори. „За преговарачката земја сите ЕУ земји рекоа „Да“ и тоа е исклучително тешко да го постигнете“, рече тој.
Нема стратешка одлука без ветер во грб од граѓаните. Ви благодарам што нè поддржавте во сите тешки одлуки за државата, додаде Пендаровски.
Барајќи ја поддршката од граѓаните на Македонска Каменица, Пехчево и на Делчево претседателскиот кандидат Пендаровски рече дека на 24 април ќе покажеме дека ја одбираме опцијата 1, која за разлика од опозицијата, не го дели народот и ја води државата напред.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.