Војната во Украина не е позитивна за која било земја и не би кажал дека е поволна за членство на мојата земја во Европската Унија (ЕУ), порача претседателот Стево Пендаровски на панелот „Што по војната во Украина?“ во рамки на Преспа форум за дијалог што се одржува во Охрид.

„Дали војната во Украина е помош за процесот на интеграција, дали го поттикнува и олеснува членството на новите кандидати? – Не! Не може да се каже дека било која војна во светот е позитивна за било која земја. Не би сакал да кажам дека војната во Украина е поволна за членството на мојата земја во ЕУ. Треба да се разгледуваат геополитичките аспекти на европската интеграција. Ако кажеме дека има поврзаност меѓу двете работи, мораме да признаеме дека има структурни недостатоци на европската безбедносна архитектура. Ако кажеме поради тие недостатоци сега треба веднаш да почнеме да постапуваме, тогаш тоа нема да придонесе кон надминување на тие недостатоци“, рече Пендаровски.

Според мене, истакна македонскиот претседател, не е возможно Русија да ја видиме во демократските граници на Европа без или со војната во Украина, а уште повеќе поради војната во Украина.

„Кога ќе заврши војната во Украина, Русија ќе се врати на старите навики. За мене главното прашање е што по војната во Украина? – Одговорот на ЕУ и на САД беше без преседан, нивото на единство и кохезија што се покажа во приодот кон оваа војна е без преседан. Такво ниво на единство од двете страни на Атлантикот видовме само во 1991 година во првата војна во Заливот. Не би сакал да видам никој од Европа или САД, како суштински делови на оваа Северноатлантска алијанса, да продолжи со вообичаените методи на работа, мислам на ова – по анексијата на Крим скоро сите во Европа како да заборавија за тоа, се вратија на старите теми – енергетска поврзаност и друго“, рече Пендаровски и нагласи дека во тоа време немаше никакви последици за Русија со тоа што анектираше дел од суверена земја.

Нагласи дека недовршениот проект за европска интеграција има последици за земјите кои сакаат да станат дел од Унијата и додаде дека сме 17 години кандидат за членство и со години и децении трчаме за таа цел.

„Ми се чини дека незавршениот проект за европска интеграција има последици за Западен Балкан и земјите кои сакаат во иднина да станат кандидати за членство. Можам да видам директна поврзаност меѓу незавршениот проект на ЕУ и безбедносната архитектура на стара Европа. Прво Русија со години ги поткопува нашите општества, ако зборуваме за Македонија, зборуваме за хибридни закани, лажни вести особено во однос на прашањето за името. Откога ќе заврши војната во Украина, Русија ќе се врати на старите методи повторно борејќи се против демократиите на западот со лажни вести и пропаганда, нагласувајќи дека не треба да  трчаме по членство во ЕУ или НАТО“, потенцира Пендаровски.

Да не заборавиме, додаде тој, дека ние сме само една од земјите во регионот која протера многубројни руски дипломати, само во последните 12 месеци. Половина од нив беа протерани од нашата земја уште пред да почне војната во Украина.

„Најмногу се грижам Европа да не продолжи со вообичаените методи на работа и покрај војната во Украина. Сега е замрзнато мислењето дека политиката на проширување е најуспешната политика на ЕУ, зашто членките на Унијата со години зборуваат дека сакаат прво да ја продлабочат ЕУ, а потоа да зборуваат за проширување на Унијата или во најдобар случај за прераспоред на моќта. Не можам да се потсетам на било која одлука на ЕУ која го подобрува позиционирањето на Унијата и овозможува влез на нови членки, бидејќи продлабочувањето е замрзнато, а со тоа е замрзнато и проширувањето“, истакна Пендаровски.

Претседателот на државава посочи дека целиот Западен Балкан чека да се заврши и заокружи европскиот проект, а во меѓувреме се соочува со демографска катастрофа и од 18 населението е намалено на 15 до 16 милиони што го покажуваат пописите на населението во регионот. Тоа се случува заради чекањето на земјите да станат дел од организацијата, која, како што кажа, дава гаранции за иден просперитет.

„Во меѓувреме, чекајќи го тоа нашата популација се преполови. Не е само Македонија и Албанија е блокирана, а Црна Гора со години преговара без значаен напредок. Сведоци сме на појава на нови идеи за нова политичка заедница на ЕУ. Барав од колегите да ми ја појаснат суштината на оваа идеја дали се работи за Европа во Европа, за ЕУ во ЕУ и што е со земјите кои веќе имаат кандидатски статус, што е со Грузија, Украина и Молдавија. Ми беше објаснето дека се работи за политички форум за консултации, но тоа мораме да го објасниме убаво на нашите  граѓани“, потенцира шефот на државата.

Предочи дека постојано и драстично опаѓа поддршката за членство во ЕУ.

„Во изминатите 18 години јавната поддршка за членство  во ЕУ опадна за 25 проценти и  бугарската блокада на нашето членство не помогна во овој контекст. Би сакал директно да ни се каже – ова е нашиот план за вас, ЕУ да каже навистина сме сериозни во намерите за интегрирање на Западниот Балкан во економска, политичка и друга смисла инаку се повеќе луѓе ќе стануваат скептични за европскиот проект“, рече Пендаровски и додаде дека  автократските режими се повеќе се зајакнуваат во регионот.

Посочи дека автократското и диктаторското движење се во пораст во Западниот Балкан и Западна Европа, а тие, како што кажа, немаат никаква допирна точка со идејата за ЕУ. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.