Интегрален текст од соопштение од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски по повод последните случувања во судскиот процес со кој се опфатени новинарите на ИРЛ:
„Слободата на медиумите е директно поврзана со степенот на демократијата во едно општество и со заштитата на јавниот интерес. Новинарството е слободна професија и како таква е потребно да подлежи на принципот на саморегулација од страна на медиумските тела и организации. Јавноста има право да биде навремено и точно информирана за сите важни прашања во едно општество кои се однесуваат на јавниот интерес.
Граѓаните, исто така, имаат право да очекуваат судиите кога пресудуваат да ја почитуваат слободата на изразување, правото на граѓаните да бидат информирани за теми од јавен интерес и да му дадат приоритет на јавниот интерес наспроти поединечниот интерес особено кога се работи за прашања кои го засегаат големото мнозинство од општеството.
Во таков случај, во јавен интерес е јавноста да биде запознаена со релевантни факти од значење за тие прашања. Етикетирање, дискредитација и обиди за регулирање на новинари и медиуми имаше и во минатото и сведоци сме дека таквите процеси не доведоа до демократски развој. Како држава која се определила за членство во ЕУ и споделување на европските вредности за демократија, транспарентност и одговорност, потребно е да ги почитуваме и спроведуваме меѓународните стандарди за медиумски слободи.” се наведува во соопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.