Поради интерес на повеќе медиуми, Кабинетот на шефот на државата, Стево Пендаровски, ќе излезе со детали околу помилувањето на Абдулфета Алими.
Првичната реакција беше дека Министерството за правда доставува предлози за помилување до Кабинетот на претседателот. Комисијата за помилување како работно тело на претседателот ги разгледува и проценува предметите и му доставува предлози на претседателот кои лица да бидат помилувани согласно законските основи.
Во однос на помилуваните лица, за кои е објавена одлуката во Службен весник, вклучително и Абдулфета Алими, се лица кои ги исполнуваат условите за кои Комисијата дала позитивна препорака.
Алими беше осуден на затворска казна од шест години за настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија. Лидерот на Алијанса на Албанците, Зијадин Села, на судскиот процес сведочеше и тврдеше дека токму тој, Алими, му го спасил животот.
И ова помилување од страна на претседателот Пендаровски не поминува без реакции во јавноста. Чинот со помилувањето на Алими наиде од целосно одобрување до забелешки за селективен пристап, и тоа по етничка линија, на осудените за настаните од 27 април.
За Нова година пропадна обидот за помилување. Тогаш на предложената листа од страна на Министерството за правда се наоѓаа имиња на 48 лица. Меѓу нив и тие на бизнисменот Сеат Кочан, на контроверзниот и клучен сведок врз чии изјави се темелеше и целото обвинение за настаните од 27 април, Александар Василевски-Нинџа, како и Бобан Илиќ, осуден за убиство на 4-годишниот Алмир во Куманово, чиј татко е угледен член на владејачкиот СДСМ.
По жестоките реакции во јавноста, тогашниот министер за правда Бојан Маричиќ го повлече списокот, префрлајќи ја вината врз затворските директори.
Интересот на медиумите за образложението за помилувањето на Алими произлегува од фактот дека тој е првиот осуденик за настаните од 27 април, кој ќе се најде на слобода.
Ова од една страна, а од друга тој чин фрла огромни сомнежи како врз обвинителството, така и врз судот. Зашто, ќе стане очигледно дека не посветиле внимание на клучното сведочење на Села и дозволиле неговиот фактички спасител невино да мине неколку години в затвор. Главен обвинител во случајот беше шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а судија Добрила Кацарска, која сега е прв човек на Уставниот суд.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.