Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими претседавачот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

На средбата се разговараше за процесот на трансформација, опремување и модернизација на македонската армија и учеството во меѓународни операции и вежби.

Соговорниците разговараа за соработката меѓу Македонија и НАТО, за актуелните регионални и безбедносни прашања, а беа разменети мислења и информации за состојбите во Украина и улогата на Алијансата во одбраната на украинскиот народ од руската воена агресија. Во тој контекст, претседателот Пендаровски ја реафирмираше поддршката за Украина и украинскиот народ, посочувајќи дека Македонија како членка на НАТО, во рамки на можностите ќе продолжи да пружа воена, хуманитарна и дипломатска помош, со крајна цел прекин на воената агресија.

Претседателот Пендаровски и адмиралот Бауер констатираа дека Алијансата треба да продолжи во своите напори за поддршка на Украина со цел стабилизирање на ситуацијата во целиот евроатлантски простор.

 

Претседателот Пендаровски изрази подготвеност за натамошно унапредување на соработката и јакнење на НАТО сојузништвото во насока на исполнување на заедничките цели за колективна безбедност и мир на европскиот континент.

 


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.