Последниот развој на случувањата во Украина и можностите за продлабочување на соработката во насока на поддршка на украинскиот народ и враќање на територијалниот интегритет на Украина во рамки на нејзините меѓународно признаени граници биле тема на разговор на денешната средба на претседателот Стево Пендаровски со неговиот украински колега, Володимир Зеленски во рамки на самиот Украина – Југоисточна Европа, во Тирана.

Како што соопштија од Кабинетот на претседателот, Пендаровски на средбата го реафирмирал ставот дека Македонија од самиот почеток силно ја осудува агресијата на Руската Федерација врз Украина која претставува повреда на Повелбата на ОН и принципите на ОБСЕ.

Истовремено, се додава во соопштението, претседателот Пендаровски навел дека државата се приклучила на Кримската платформа, ја усвоила Декларацијата за осуда на воените напади против територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и се приклучила на Заедничката декларација на Г-7 за поддршка на Украина, на Меѓународната коалиција за враќање на украинските деца и го поддржала формирањето на Специјалниот трибунал, кој ќе ги истражува и гони злосторствата на агресија извршени од страна на Руската Федерација.

Воедно, претседателот ја поздрави одлуката на Европскиот совет за отворање на преговори за членство на Украина во ЕУ и истакна дека Македонија, како земја-членка на НАТО, останува посветена на политиката на отворени врати и ја поддржува апликацијата на Украина за членство во Алијансата, стои во соопштението.

Украинскиот претседател, како што се посочува во соопштението, изразил благодарност за цврстата позиција и севкупната поддршка што Украина ја добива од  Македонија. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.