Со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ на кратка средба во Давос заеднички ја поздравивме одлуката на СПЦ за прифаќање на автокефалноста на МПЦ – ОА, како чекор во вистинска насока, објави претседателот Пендаровски на својата Фејсбук страница.

Претходно, Пендаровски упати честитки по повод донесената одлука од соборот на Српската православна црква за прифаќање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, истакнувајќи дека ова е радосна вест за сите граѓани на земјава од православна вероисповед.

Одлуката на Српската православна црква, наведе Пендаровски во честитката, ќе придонесе за исправање на историските неправди и отвора можност за нов и необременет духовен раст на Охридската Архиепископија.

Верувам дека целиот процес на признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска Архепископија ќе заврши со скоро потпишување на Томосот од Вселенскиот Патријарх г.г.Вартоломеј, што ќе придонесе за исполнување на еден од нашите национални интереси и за напредок и помирување во македонското општество, наведува во пораката претседателот Пендаровски.

Патријархот Порфириј по денешното сослужување на заедничка литургија со арихиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан во Соборниот храм во Скопје, рече дека Соборот на Српската православна црква ја благословува и одобрува афтокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Тој додаде дека Светиот собор на СПЦ му дал должност на Синодот, во соработка со архиепископот Стефан и неговиот Синод, да разработат техничко-организациски детали, по што ќе следи свеченото прогласување на официјален акт.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.