Претседателот Стево Пендаровски ја посети Медиумската информативна агенција – МИА по повод 24 -от роденден на агенцијата, што вчера беше одбележан со прием и изложба на фотографии.
Првата вест МИА ја емитуваше на 30 септември 1998 година, со што почна редовната продукција на информации за медиумите и граѓаните на земјава, во прво време со фотографии и текст, а денес и со видеопреноси во живо, целосен мултимедиумски израз и присутност на социјалните медиуми.
МИА е јавен информативен сервис, основан од Собранието на Република Македонија во февруари 1992 година, кој активно почна со работа пред 24 години. Својата работа државната агенција ја почна со дваесетина новинари, а денес има околу сто ангажирани лица – новинари, дописници од земјата и странство, сниматели, фоторепортери, стручни служби и логистика.
МИА има дневна продукција од околу 400 вести и други медиумски продукти на македонски, англиски и на албански јазик. Во изминатите пет години новина е видеосервисот, како и преносите во живо, кои дадоа сериозен придонес, како за изворно информирање на граѓаните кои сакаа во живо да ги следат настаните, така и на новинарските екипи од мас-медиумите, кои поради пандемијата на Ковид-19 и здравствените протоколи беа спречени да бидат на местото на настанот. И по завршувањето на пандемијата, преносите во живо останаа препознатлив печат на Агенцијата.
Произведува дневни информации, авторски текстови – интервјуа, стории, анализи, теми, специјални тематски потсервиси, клипинг за меѓународни институции, дневни и неделни пакет-информации, флеш вести, како и видео и фотосервис. Има соработка со над 50 регионални и светски агенции, дневна дистрибуција на медиумски продукти на МИА-сервиси до домашни, европски и светски институции.
Претплатници на МИА се сите релеванти и влијателни ТВ-куќи, електронските и печатените медиуми во земјава, македонските амбасади во странство, странски дипломатски и други претставништва и мисии во Македонија, како и медиуми на наши иселеници во странство.
МИА има потпишано договори за размена на вести и медиумски продукти со сите државни агенции во регионот, како и со повеќе приватни агенции од соседството. Исто така е и дел на информативните пулови на: Дојче веле (Германија), Слободна Европа, Гласот на Америка, АНСА (Италија), СТА (Словенија), ХИНА (Хрватска), БТА (Бугарија), АНА-МПА (Грција), АТА (Албанија), АНАДОЛИЈА (Турција), АПА (Австрија), ЕФЕ (Шпанија), МИНА (Црна Гора), ФЕНА и СРНА (БиХ), АГЕРПРЕС (Романија), ТАНЈУГ (Србија), ФОНЕТ (Србија), БГНЕС (Бугарија), УКРИНФОРМ (Украина), соработува и со големите новински агенции – Европската фотоагенција ЕПА, германската ДПА, британскиот јавен сервис Би-би-си, кинеската XСИНХУА…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.