Грозна е изјавата на шефот на бугарската дипломатија Николај Милков, смета претседателот Стево Пендаровски и му препорачува да прошета до Ваташа, каде што бугарскиот фашистички окупатор во 1943 година изврши масакрот на 12 младинци.

Реакцијата на Пендаровски е одговор на изјавата на Милков, кој кажа дека во Македонија се враќа традицијата на палење, стрелање и насилство врз луѓе.

Во однос на изјавата на господинот технички министер за надворешни работи… Тоа е прилично грозна изјава.. Вели: ‘Во Македонија се враќа традицијата на колежи, стрелање и насилство’. Единствено таа изјава може да биде точна ако мисли на периодот ‘41-’44 (бугарската окупацијата на Македонија). Кога техничкиот министер за надворешни работи ќе има време, може да прошета до Ваташа, да види дел од таа традиција“, кажа Пендаровски.

Прашан дали Бугарија може да го врати ветото, Пендаровски посочи дека не знае, но смета дека нема причина за тоа.

Не можам да знам што ќе направи Бугарија. Секоја држава автономно ги носи своите одлуки. Не гледам ниту една основа за ново вето. Се надевам дека нема да одат во таа насока. Ова што го зборувам, знаете дека станува збор за инструирани провокатори кои тоа го прават“, кажа Пендаровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.