Претседателот Стево Пендаровски денеска, по повод големиот муслимански празник Курбан Бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема хаџи хфз. Шаќир ефенди Фетаху и до сите граѓани од исламска вероисповед во Македонија.
Во честитката, Пендаровски испраќа порака да бидеме сплотени и да ја градиме републиката како наш единствен заеднички дом.
Посакувајќи многу здравје, радост и бериќет, дозволете да споделам две согледувања за улогата на овој значаен празник. Пред се, Курбан Бајрам е празник на солидарноста и негувањето на добрите навики на милосрдието, дарежливоста и човечноста кон ранливите кои имаат насушна потреба од поткрепа. Важноста на празникот најмногу доаѓа до израз токму во периоди на економски предизвици со кои се соочува нашата држава и поголемиот дел од светот. Истовремено, Курбан Бајрам е нераздвоен дел од вековниот соживот во македонското мултирелигиско и мултиетничко општество. Празничните денови се можност за продлабочување на заемното почитување преку запознавање со традициите на различните од нас, наведува Пендаровски и упатува најискрени желби за добро здравје, радост и благосостојба.
Претседателот во честитката изразува уверување дека „солидарноста кон ранливите и соживотот на различните во овие празнични денови, но и преку целата година, ќе ни помогнат сплотени да ги надминуваме предизвиците со кои се соочуваме на личен и колективен план“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.