Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз, посочи дека на лидерската средба ќе го отвори прашањето за предвремени избори или влада со сите политички партии во неа. Според него, најважно прашање на кое ќе се дискутира ќе биде вклучување на Бугарите во Уставот, што би поддржале, само доколку Македонците бидат признаени во Бугарија.
Ќе побарам прва точка за која ќе се разговара да биде упатување силна порака до Бугарија, политичкиот врв таму, да ги признаат Македонците како национална припадност и да ги остваруваат своите права. Да формираат клубови, асоцијации, како политички партии преку кои ќе ги негуваат своите обележја кои ја карактеризираат нацијата. Ова прашање ќе го покренам и ќе барам консензус. Досега, никој од врвот не го покренува ова прашање. Уште помалку МНР. Никој не бара Македонците да ги добијат своите права, како што ги имаат Бугарите. Ќе побарам сите креативни кадри да бидат вклучени во процесот на скрининг, за формално почнување на преговорите со ЕУ – кажа Трајанов.
Тој додаде дека ќе го отвори и прашање за функционирањето на системот во државата, бидејќи граѓаните се разочарани дека законите не се применуваат еднакво за сите и дека тој не функционира.
Ќе го отворам и прашањето за темелни реформи за изборното законодавство, за една изборна единица, за системските предности на поголемите политички партии и ќе отворам, ако има услови за тоа, да се разговара за предвремени избори или Влада со сите политички партии. Треба да има сплотеност на сите во овие кризни услови – додаде Трајанов.
Тој додаде дека нема ништо против Бугарите да бидат во Уставот, но ако Македонците бидат признани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.