Ние во последните 20 години сме поминале низ многу кризи, вклучително и воениот конфликт од 2001 година, финансиската и економска криза од 2007-2009 година, и не се сеќавам да имало вакви турбуленции како празни рафтови и трупање на залихи, смета Трајко Славески универзитетски професор и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното гостување во емисијата „Економски магазин“ на ТВ Алсат М.

Славески вели дека паниката кај граѓаните е оправдана бидејќи властите за војната во Украина имала информации уште во месец ноември, а  владата реагирала многу доцна.

Прво мислам дека владата доцна реагираше, односно погреши и не беше транспарентна што не ги убеди граѓаните дека во меѓувреме откако имало проценка како што слушнавме од претседателот Пендаровски уште од почетокот на ноември навестување дека ќе имало воен конфликт во Украина, да се пополнат стоковите резерви. Сите ние се прашувавме дали ќе има доволно масло за јадење, пченица, брашно итн и од тука е паниката што се создаде кај граѓаните, истакна тој.

Славески потенцираше дека тој лично е против мегаломански мерки односно како што рече наместо владата да оди со реторика дека носи 26 мерки за справување со кризата, требало да донесе неколку таргетирани мерки  кои што ќе одговорат на тековната ситуација и предизвици.

Конкретно за мерките, јас лично сум против мегаломанство, да одиме со 26 или 50 мерки како што сме имале во минатото. Треба да има неколку таргетирани мерки кои што ќе одговорат на тековната ситуација. Зошто ни се потребни 26 мерки кога една четвртина од нив се постојни мерки да речеме егзистираат од претходно, како средства за енергетски ефикасни фасади и други, посочи Славески.

Во однос на мерката за горивата, Славески порача дека наместо владата да воведе комбинирал модел, требало да ја прифати мерката на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на акцизата за 50 проценти и на тој начин граѓаните транспарентно ќе знаат колку е намалена цената на горивото.

Мислам дека погрешно беше кај горивата да се оди со комбиниран модел кој што е тешко разбирлив за јавноста, не знам како ќе функционира тоа во примената. Кога имавме предлог акцизата да се намали за 50 проценти и да биде тоа транспарентно за сите да знаеме за колку поевтино гориво врз основа на таа намалена давачка, односно откажување на државата од тој фискален намет ќе биде помала нашата цена која ја плаќаме на бензинските пумпи, рече Славески.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.