Пандемијата со ковид-19 ја забави динамиката на повикување на учениците од основните училишта на задолжителните систематски прегледи кои обично се прават кон крајот на учебната година. Еден дел од третооделенците во Скопје воопшто не биле на систематски преглед. Иако од училиштата редовно добиваат покани и потестувања за вакцинација и посета на стоматолог, сепак, на задолжителен систематски досега не биле.

Д-р Виктор Исијановски, директор на Здравствен дом Скопје во изјава за „Република“ вели дека управниците на Здравствените поликлиники се задолжени за повикување на училиштата на систематски прегледи.

Поради пандемијата со ковид-19 имаше застој со систамтските прегледи, но генерално, се враќа во нормала. Учениците се повикуваат на прегледи, така е на пример, во скопската општина Каропш, вели д-р Исијановски.

Токму третооделенците се генерацијата која почна на училиште кога епидемијата беше во полн ек, а наставата се одвиваше онлајн.

Во скопската населба Кисела Вода, во училиштето „Кирил Пејчиновиќ“ на пример учениците кои сега завршија трето одделение не биле на систематски, но затоа пак редовно се повикуваат и испраќаат на задолжителна вакцинација и преглед на стоматолог. Исто е и во скопската населба Центар, во училиштето „Гоце Делчев“.

Д-р Бектеши од поликлиниката Бит Пазар вели дека е запознаена со фактот дека некои училишта уште не биле на систематски, но дека ќе бидат повикани од септември.

Приоритет ни беа вакцините, бидејќи се задолжителни и за нив постојано испраќаме покани до родителите да ги донесат децата на вакцинација. Поради пандемијата со ковид-19 малку заостануваме, но водиме евиденција кои училишта биле, а кои не на систематски и ги земаме по ред. Оние што досега не биле повикани, ќе бидат од септември, вели д-р Бектеши за „Република“.

Таа објаснува дека во овој период поликлиниката останала со еден лекар за вршење на прегледите кај учениците, другите заминале на специјализација, но верува дека набрзо бројот ќе се пополни.

Систематскиот преглед е класичен метод за скрининг на здравјето на училиште деца и младината кој се врши организирано во јавните здравствени установи од страна на службите за превентивна здравствена заштита и превентивна стоматолошка заштита на училишни деца.
При систематскиот преглед се врши и редовна имунизација против заразни заболувања според Календарот за имунизација.

Целта на систематскиот преглед е: следење на физичкиот и психосоцијалниот развој, рана детекција на здравствени проблеми и навремен третман и рано препознавање на ризични видови на однесување.

Во програмата за систематски прегледи на учениците и студентите на Македонија од 2021 година се вели дека задолжителни систематски прегледи се вршат во 1-во, 3-то, 5-то, 7-мо и 9-то одделение. Средношколците се опфатени со систематски прегледи во први и трети клас, а студентите во 1-ва година. Содржината на систематскиот преглед зависи од возраста на ученикот.

На систематски се врши општ лекарски преглед кој вклучува мерење на телесната тежина и висина и одредување на ИТМ, преглед на кожата, согледување на постоење на деформитети на локомоторниот систем, општ лекарски преглед, испитување на вид, слух и говорот.

Наодите од систематскиот преглед се евидентираат во Картонот за систематски прегледи на училишни деца, изготвен од Заводот за здравствена заштита на мајки и деца, а отстапувањата се запишуваат во картонот со преземање на соодветни мерки за санирање и следење.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.