Веста за заедничката литургија на МПЦ-ОА и СПЦ во Соборниот храм Свети Климент Охридски во Скопје за одобрувањето и благослов на српскиот патријарх Порфириј за афтокефалност на МПЦ-ОА е објавена и на официјалниот сајт на СПЦ, а се најде и во ударните наслови во сите српски медиуми, јави дописникот на МИА од Белград.

На официјалниот сајт на СПЦ, под наслов, „Патријархот Порфириј – Бог е Алфа и Омега на нашето постоење во историјата и вечноста“, се соопштува одлуката на СПЦ.

Светиот архиерејски Собор едногласно и еднодушно излезе во пресрет на барањата на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и ја благословува, одобрува, прифаќа и признава автокефалноста. Истовремено, Светиот Собор на нашата Црква ги задолжи Синодот и Патријархот заедно со Архиепископот Стефан и неговиот Синод да ги разработат сите технички и организациски детали, по што ќе следи свечено прогласување со официјален соодветен акт, за што сите помесни Православни цркви ќе бидат известени според својот канонски ред и поредок и ќе се повикаат да го прифатат автокефалниот статус на Македонската православна црква – Охридската архиепископија, се наведува во соопштенеито на СПЦ, во кое се додава „браќа и сестри, сигурни сме дека сите други помесни православни цркви со задоволство ќе ја дочекаат оваа вест и ќе се радуваат што нашиот Господ расте, што Неговата Црква расте“.

Верниците во Србија преку официјалнот сајт на СПЦ директно и на македонски јазик можеа да ја следат светата архиерејска литугија на „Неговата Светост Патријархот на Србија г. Порфириј и Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. Стефан, на празникот Свети Кирил и Методиј, во соборниот храм Свети Климент Охридски во Скопје“, како што пишува на сајтот на СПЦ.

Патријархот Порфириј ја благослови автокефалноста на Македонската православна црква“, „Соборот на СПЦ едногласно ја одобри автокефалноста на МПЦ“, „Српската православна црква ја призна автокефалноста на МПЦ – Охридска архиепископија, се очекува томос на признавање“, се најчести наслови на сите печатени, ТВ и Радио медиуми и портали во Србија во кои во детали се пренесува настанот од Соборниот храм Свети Климент Охридски во Скопје, со осврт на досегашните чекори на двете цркви за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА.

Медиумите ја пренесоа и реакцијата на претседателот Стево Пендаровски, кој денеска соопшти дека во Давос имал кратка средба со српскиот претседател Александар Вучиќ и дека двајцата лидери ја поздравиле одлуката на Српската православна црква да ја признае автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ -ОА) како „чекор во вистинска насока.“

Од првичните анализи, за одбележување е текстот во „Данас“ со наслов „Црква и НАТО“, во кој се наведува дека „признавањето на независноста на Македонската православна црква е паметна и многу сериозна политичка одлука на патријархот Порфириј и Вучиќ“ и дека „комплицираниот црковен спор ја покрива суштината, а тоа е дека станува збор за црква во НАТО држава“.

Со својот однос кон Македонската црква, Белград отворено и силно стави до знаење дека може да биде крајно конструктивен кога е во прашање нешто што е важно за НАТО… Оваа одлука го покажува прилагодувањето кон реалноста и покрај хаотичните пораки што се испраќаат во јавноста, пишува „Данас“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.