Авиолинијата Софија – Скопје започнува редовно да сообраќа од 27 март, со што отвораме нови можности за нашите граѓани, изјавија денеска од Скопје министрите за транспорт на Република Македонија и Република Бугарија, Бочварски и Сабев.

Владина делегација на Македонија, предводена од министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, а во придружба на делегација од Бугарија составена од министерот за транспорт, Николај Сабев и за министерот за туризам, Христо Проданов, како и тур- оператори од Бугарија денеска со првиот лет слетаа на Меѓународниот аеродром Скопје.

На средбата во Клуб на пратенци, покрај претставниците на владите на двете држави присуствуваа и претставници на тур-операторите од Македонија и Бугарија.

На средбата покрај воспоставување на редовната авиолинија, се разговараше и за зголемување на туристичката понуда.

Денеска на мое големо задоволство можам да најавам дека авио-линијата Скопје – Софија ќе започне активно да лета од 27 март, оваа пролет. Заедно со колегите од Република Бугарија и со тур-операторите донесовме значајни одлуки за туризмот и за економијата на двете земји. Нашата соработка е на високо ниво и така ќе продолжиме и во наредниот период. Со заеднички заложби и решенија отвораме нови можности за нашите граѓани, но и придонесуваме за развој и раст на економијата, изјави по работната средба министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Тој додаде дека оваа средба е силна порака со која се покажува силната волја за инфраструктурниото поврзување меѓу двете земји. Министерот за инфраструктура на Република Бугарија, Николај Сабев истакна дека со денешната средба на тур-операторите на двете земји се воспоставија нови врски во развој на економските односи меѓу Македонија и Бугарија. Тој најави изградба на преостаниот дел од патниот правец до граничниот премин Клепало.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.