Доколку 45 дена по потпишувањето на договорот законски не се измени работното време и 40 часа неделно не се зголемат на 60 часа неделно, тогаш државата ќе плаќа пенали од три вида кон Бехтел, еднократно 53 милиони евра, секој месец 1 милион 265 илјади евра на веќе постојни трошоци кои што треба да се платат во договорот и дополнителни 900 илјади евра месечно.

Ова е само дел од скандалозниот договор кој Владата го потпиша со американскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ кој не е достапен на увид на јавноста и за кој се обидуваат да направат неколку законски измени по скратена постапка, без присуство на пратениците од опозицијата во Собранието.

На ова вчера предупреди потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, кој објави што предвидува договорот кој што го има потпишано Артан Груби со „Бехтел и Енка“.

Доколку во рок од 45 дена по потпишување на договорот не се зголеми работната недела, значи владата во име на Собранието презела обврска, иако во уставниот поредок е обратно, Собранието ја бира Владата, во тој случај ќе се плаќаат пенали од три вида. Прво, еднократно државата ќе исплати на Бехтел 53 милиони евра пенали, потоа секој месец ќе доплаќа по 1 милион и 265 илјади евра на постојните трошоци кои што треба да се платат во договорот, или вкупно месечно 4 милиони и 185 илјади евра и трето на ова дополнително уште 900 илјади евра секој месец. Значи еднократно 53 милиони евра, и секој месец за промена на работното време од 40 на 60 часа. Значи доколку не се зголеми работното време од 40 на 60 часа неделно, Македонија ќе треба да плати еднократно 53 милиони евра, секој месец 1 милион 265 илјади евра на веќе постојни трошоци кои што треба да се платат во договорот и дополнителни 900 илјади евра пенали. Или еднократно 53 милиони евра и секој месец по 2 милиони 165 илјади евра во време траење на договорот, а договорот е дека автопатите треба да се завршат за 5 години, изјави Николоски.

Николоски додаде дека владата се обврзала дека на секоја делница ќе дава по 6 месеци рок на изведба, укажувајќи дека доколку има 5 делници ќе бидат потребни 7 и пол години.

И второ доколку ова не помине, се обврзале дека на секоја делница ќе даваат по дополнителни 6 месеци рок на изведба. Така што тие 5 години кои што беа споменувани дека ќе се завршат доколку има 5 делници тоа значи дека ќе бидат 7 и пол години, објасни Николоски.

„Плусинфо“ објави и неколку фотографии од обемниот материјал од вкупно 438 страници, кој ги дефинира сите детали од Договорот за Коридорот 8 (Гостивар – Букојчани и Требеништа – Струга – делницата на експресниот пат Ќафасан) и Коридорот 10 (експресниот пат Прилеп – Битола).

Кои се другите детали и какви отстапки ќе се прават поради овој нетренспарентен договор засега не се знае.

Владејачкото мнозинство на Ковачевски далеку од очите на јавноста во кратка постапка се обидува да промени 9 закони со кои дава дополнителни повластувања на изведувачот на коридорите. Овие измени ќе значат посебни повластици за акцизи, даноци, давачки, можност за пренамена на земјоделско во градежно земјиште, промена на регулативата кога се работи за културно наследство и многу други примери. Сите овие експресни измени се без јавна расправа со експертите  и на штета на граѓаните и државата, предупредуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Експерти од разни области, исто така, алармираат на преседанот со кој е потпишан овој Договор и сите последици кои ќе произлезат од него, а се на штета на државата и граѓаните.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.