Претседателот Стево Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Украина во Република Македонија, Лариса Дир.

-Да се биде амбасадор на Украина во овие тешки времиња за земјата, која е жртва на брутална агресија од страна на Руската Федерација, е исклучителна задача. Доаѓате во пријателска држава која секојдневно сочувствува со Вас и затоа Ве уверувам дека ќе ја имате нашата целосна поддршка, а сите наши институции ќе го олеснуваат Вашето работење и ќе се обидат да помогнат на сите можни начини, истакна претседателот Пендаровски во обраќањето на церемонијата на предавање на акредитивните писма од страна на амбасадорката Дир.

Претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот Кабинет, посочи дека Република Македонија целосно и недвосмислено го поддржува територијалниот интегритет и суверенитетот на Украина во нејзините граници до 2014 година.

-Нашата земја досега пружи различни видови помош на пријателскиот украински народ и бидете уверени дека тоа ќе го правиме се додека биде потребно. Отворено ја поддржавме Вашата земја при добивањето кандидатски статус за членство во ЕУ. Можеме само да му посакаме на пријателскиот украински народ, периодот до почетокот на преговорите со ЕУ да биде со помалку пречки и пократок од оној кој ние го изодевме, порача во обраќањето претседателот Пендаровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.