Со изложба на оружје, опрема, возила, музички точки, служење на војнички чај и војничко гравче како и тактичко технички вежби денеска во Штип се одбележа четири години од нашето членство во НАТО и 75 – годишнината од формирањето на Алијансата.

На локација кај градскиот стадион во Штип, граѓаните имаа можност одблизу да се запознаат со опремата и оружјето на Армијата. На денешниот настан присуствуваше и министерката за одбрана Славјанка Петровска, која истакна дека со нашето членство во НАТО се гарантира сигурноста на државата.

-Со членството во НАТО државата е сигурна и безбедна земја, нашиот глас е слушнат, а нашиот придонес кон уште посилна колективна безбедност е почитуван и ценет. Армијата е во НАТО, но и НАТО стандардите се во Армијата. Минуваме низ сеопфатен процес на модернизација и опремување, но не забораваме дека подеднакво важно е инвестицијата во човечкиот капитал, вели Петровска.

Денешниот ден беше со цел граѓаните во Штип да може одблизу да се запознаат со возилата и опремата на штипската касарна „Јане Сандански“, а можеа да проследат и техничко – тактички вежби.

Фото: МО/МИА



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.