Приватните лекари на Денот на здравството 7 април ќе излезат на протест за да искажат револт што не им е решен ниту еден од бројните проблемите кои ги имаат. Здружението на приватни лекари (ЗПЛМ) одлучи протестот да се одржи во 12 часот пред Министерството за здравство, на кој покрај докторите ќе протестираат и медицинските сестри.

Се сменија многу министри, многу Влади, но никој не направи ништо за опстанокот на примарното здравство. Не се покачени буџетите за матичните лекари, ниту за специјалисти и лаборатории. Имаме енормни зголемувања, покачена е минимална плата, цената на индустриската струја отиде високо. Капитациониот бод мора да се зголеми – вели д-р Лилјана Чолакова-Дервишова, претседател на ЗПЛМ.

Иако после последниот протест со Министерството за здравство беше договорено формирање на работни групи и почнување на разговорите, тоа не се случило.

Ги пративме нашите предлози за примарно и секундарно здравство,за лаборатории и за специјалистички. Но, ништо не се случи, немаше состанок, каде суштински ќе се разговара и ќе има резултати. Не бараме средби само да се гледаме, туку нешто треба да се придвижи. Вредноста на бодот од 63 денари капитација е премногу ниска, а за стоматолог е 48 денари -рече Чолакова-Дервишова.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.