Владата, на денешната седница ја разгледа Информацијата од Министерството за економија, во врска со изготвената анализа за можноста за продолжување на примената на летното сметање на времето и согласно сите анализи е заклучено дека ќе се пристапи кон примена на зимското сметање на времето, како што се практикуваше и досега.

Министерство за економија информираше дека проценката е направена во соработка со Министерство за финансии, Министерство за внатрешни работи, Министерство за образование и наука, Министерство за труд и социјална политика, Агенција за електронски комуникации, Биро за метрологија, Стопанска комора, Управа за хидрометеоролошки работи, Стопанска комора на северозападна Македонија и Економскиот факултет – Скопје.

Од прикажаната пресметка за потребна топлина и анализата на промените на надворешните температури на часовно ниво, воочено е дека задржувањето на летното сметање на времето ќе предизвика зголемена потрошувачка на топлинска енергија од 1,5 – 3,5 проценти за грејната сезона. Согласно направената анализа на движењето на температурите во утринските часови и пресметките за потребна топлина за загревање, заклучено е дека со враќање во зимско сметање на времето ќе се заштеди на потрошувачка на електрична и топлинска енергија, соопштија од Влада.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.