Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Бујар Османи, денес оствари официјална посета на Кралството Норвешка, на покана на министерката за надворешни работи Кралството Норвешка, Аникен Хјуитфелд.

На средбата, двајцата соговорници изразија задоволство што двете држави, во речиси 30-годишната соработка, воспоставија партнерски и пријателски односи, кои се карактеризираат со редовен политички дијалог.

Mинистерот Османи изрази благодарност за континуираната поддршка што ја добива нашата земја од Норвешка во изминативе три децении, при што оваа нордиска земја се вбројува меѓу земјите најголеми билатерални донатори за имплементација на реформската ЕУ агенда на Македонија.

Норвешка отсекогаш била посветен поддржувач на нашиот реформски процес во контекст на интеграцијата во НАТО и ЕУ. Благодарни сме за континуираната билатерална поддршка што ја давате за унапредување на нашите интегративни процеси во ЕУ“, изјави министерот Османи.

Министерката Хјуитфелд изрази уверување дека Норвешка ќе продолжи да ја поддржува нашата земја во развивањето на нејзините капацитети за постигнување на нејзините надворешно-политички приоритети.

На средбата се разменија мислења околу соработката во рамки на НАТО, пред се, имајќи ги предвид актуелните предизвици за евро-атлантската безбедност. Министерот Османи потенцира дека руската инвазија на Украина покажа колку е неопходно евро-атлантското единство и отпорноста од закани по политичката, економската и кибернетската безбедност на Европа и светот.

Министрите разговараа и за можностите за продлабочување на економската соработка и меѓусебната поддршка во мултилатералните организации, со посебен акцент на нашето претседавање со ОБСЕ во 2023 и овогодинешното норвешко претседавање со Димензијата за човекови права на ОБСЕ.

Во рамки на посетата, министерот Османи се сретна и со претседателката на Комитетот за надворешни и одбранбени работи во норвешкиот парламент и поранешна министерка за надворешни работи, Ине Ериксен Сореиде. На средбата се разменија мислења околу актуелни надворешно-политички теми во меѓународната заедница, со акцент на безбедносните ризици во Европа, како и претседавањето на Република Македонија со ОБСЕ во 2023 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.