Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ го обвинија МНР за непотизам, а последниот случај е сопругата на пратеникот Мартин Костовски. На оваа тема се огласи и министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Тој во изјава за ТВ 24 вели дека немало ништо незаконско во вработувањето и на Бесмира Ејупи и на сопругата на пратеникот Мартин Костовски.

Нема ништо незаконито во вработувањето. Министерството има недостиг на кадар кој ќе се посвети на тешката работа во дипломатија. Нововработените започнуваат со минимална плата и треба години за да напредуваат во кариерата. Тоа е тешка професија, тие се некој вид номади кои цел живот го поминуваат на различни места. Госпоѓата Костовска е преземена од Куманово и сега е на пониска позиција одошто била претходно – рече министерот за надворешни работи Бујар Османи во Студио 10 на ТВ 24.

Министерот вели дека Костовска е на постдипломски студии по меѓународна политика во Прага и во нејзиниот случај не станува збор за трговија со влијание. Тој додава дека таа професија бара време за напредување и со оглед дека и критериумите се тешки нема голем интерес за вработување во МНР. Османи вели дека во моментов има оглас за вработување на 16 нови луѓе.

Случај кој ја разбранува јавноста е случајот на презентерката Бесмира Ејупи за која се велеше дека се подготвува за конзул, а сега е вработена во МНР, додека во меѓувреме од различни државни институции земала хонорари од 12 илјади евра, за што вреќе е покрената истрага.

МНР има потреба од 50 вработувања но сега Министерството за финансии одобри 16. Секој млад човек кој знае јазици и сака да се посвети да конкурира. Ејупи е преземена од Министерството за политички систем, како што по закон се преземаат и други службеници – вели Османи за Студио 10.

За Ејупи вели дека знае јазици и имала безбедносен сертификат од највисок ранг како ччлен на службата на протокол во претходното министерство.

Османи додава дека треба да се праша и ВМРО-ДПМНЕ за хонорарите на Ејупи бидејќи нивни градоначалник ја ангажирал.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.