Берлинскиот процес несомнено продолжува да биде значаен двигател на реформските процеси во нашиот Регион, истакнал министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната средба со Мануел Сарацин, специјален претставник на Сојузна Република Германија за Западен Балкан.

Како што соопштија од МНР, тој изразил големо задоволство од позитивниот исход од министерскиот состанок во рамки на Берлинскиот процес одржан минатата недела и усвоената Декларација за имплементација на заедничкиот регионален пазар и најавеното потпишување на договорите за признавање на академски квалификации/дипломи, професионални квалификации и патување со лични карти во Регионот на самитот, што треба да се одржи на 3 ноември, во Берлин.

Османи изразил благодарност за недвосмислената поддршка на Германија за евроинтегративниот процес на Македонија и брифирал за тековниот скрининг, како особено значајна фаза во процесот на пристапните преговори со Европската Унија.

За време на средбата, двајцата соговорници изразиле задоволство од интензивната динамика на политички дијалог меѓу двете држави, која значи градење силни и стабилни партнерски односи со Германија.

Фактот дека Германија е наш најголем политички и економски партнер е само уште една потврда за германската посветеност и интерес за присуство во Регионот, нагласил шефот на дипломатијата Османи.

Двајцата соговорници ја истакнале важната улога на НАТО во зачувување на европската и светска безбедност во дадениот нестабилен геополитички контекст, како и важната улога на Македонија како земја претседавач на ОБСЕ во 2023 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.