Од Министерството за надворешни работи велат дека почетокот на пристапните преговори за членство во Европската Унија по 17 години кандидатски статус, забрзувањето на процесот на ЕУ-реформите, лансирањето на Стратешкиот дијалог со САД и потпишувањето на договорот за Фронтекс, кој долги години беше заглавен поради несогласувањето за употребата на македонскиот јазик, се едни од најзначајните успеси кои Македонија ги постигна на полето на надворешната политика во 2022 година, а кои директно влијаат на напредокот на земјата.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи во своето новогодишно обраќање до јавноста ги акцентираше придобивките од преговорите со ЕУ, за кои вели дека ќе ги почувствуваме многу брзо, потенцирајќи дека секој чекор напред во преговорите, ќе значи и чекор напред во однос на квалитетот на животот за секој граѓанин.

Во 2022 година донесовме одлуки со кои многу брзо нашиот сон за економски силна земја стануваат реалност. Ги започнавме преговорите со Европската Унија со што ја остваривме клучната стратешка цел поставена пред 30 години. Почетокот на преговорите со ЕУ, значи зајакнување на куповната моќ на граѓаните, но и намалување на социјалната ранливост на нашето општество, а тоа е најважно за квалитетен и безбеден живот на сите наши граѓани“, потенцира Османи.

Изминатата година земјата го почна и членството во Унијата за Медитеранот, како една од поголемите мултилатерални организации за соработка на Европа со земјите од Медитеранот, а беше организирано и второто издание на „PrespaForumDialogue“, со цел Македонија да продолжи да биде градител на мостови низ целиот регион.

Од МНР велат дека најголемиот предизвик во годината која следи започнува од 1 јануари 2023 година, кога Република Македонија официјално го почнува претседавањето со ОБСЕ – најголемата регионална организација за безбедност и соработка која опфаќа 57 држави учеснички од Европа, Средна Азија и Cеверна Америка.

Министерот Бујар Османи ќе претседава со оваа важна мултилатерална организација која работи на сеопфатни аспекти на безбедноста поврзани со политичко-воената, економско-еколошката и хуманата димензија.

Со ова Македонија се афирмира како активен чинител во генерирање на стабилност во поширок регионален контекст.

2023 година ќе биде важна година за меѓународната позиција на Република Македонија. Зајакнатото меѓународно профилирање значи долгорочен влог во економски развој, нови можности за младите и стабилност. Во услови на војна во регионот на ОБСЕ и сложени политички односи помеѓу земјите учеснички ќе се фокусираме на намалување на тензиите, обновување на довербата, просперитетот и севкупната безбедноста на луѓето“, вели Османи во своето новогодишно обраќање до јавноста.

Тој додава дека Македонија досега многу пати го покажала својот капацитет, дека преку политички дијалог, демократски средства и демократско владеење ги остварува своите цели како на домашен, така и на меѓународен план. Османи вели дека сега имаме можност со таа наша зрелост и знаење да бидеме клучен играч, да ги водиме и да придонесуваме за меѓународните политики и процеси.

Фокусот на претседавањето ќе биде ставен врз хуманата безбедност во ера на регионална и глобална несигурност и нестабилност. Во тој контекст, приоритет ќе се стави на и теренските мисии., при што ќе се преземат и поддржат конкретни активности со цел олеснување на животот на луѓето, унапредувањато на нивните права и слободи“, истакнува Османи.

Тој додава дека освен фокусот на теренот во областите зафатени со конфликти, приоритетите на Македонија како претседавач ќе бидат реафирмацијата на придобивките на ОБСЕ и обновување на дијалогот, како и обновување на довербата и инвестирањето во мирот и отпорноста на ОБСЕ, како најдобар начин за справување со безбедносните предизвици.

Османи во своето обраќање до јавноста посакува уште поуспешна 2023 година која ќе нè обедини против поделбите и ќе создаде можност да се посветиме на напредокот со поглед вперен кон иднината, што е единствениот пат до успехот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.