Mинистерот за надворешни работи Бујар Османи упати апел до јавноста за мирно и достоинствено чествување на 4 февруари, денот на кој се одбележува 151-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

„На 4 февруари кога се поклонуваме пред гробот на Гоце Делчев, се поклонуваме пред неговото визионерство за културен натпревар меѓу народите. Повикувам на достоинствено, мирно чествување на денот кога оддаваме почит на неговиот идеал за напредни општества, и за градење цивилизациски вредности.“- порача Османи.

Во своето обраќање до јавноста Османи истакна дека секој граѓанин на Република Бугарија, и на која било друга држава, е добредојден во Македонија, нагласувајќи дека секој мора да се однесува со почит кон нашата држава и кон македонскиот народ.

„Да покажеме зрелост и да не дозволиме да се подгрева национализам преку говор на омраза и омаловажување. Ние сме држава која има европска перспектива. Со својата традиција на меѓуетнички дијалог, кохезија и мирно решавање на билатерални спорови, сме пример во светот. Ве повикувам да опстоиме на тие наши вредности. “- потенцираше Османи.

Османи апелираше до граѓаните, да не дозволат да потклекнат под провокации, со цел да се заштитат интересите на државата.

“Да не дозволиме провокатори и киднапери да ни ја киднапираат европската иднина или да го влошат имиџот што го изградивме како држава. Ова е во интерес на сите граѓани и на заедничкиот напредок.“- порача Османи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.