Плодна дискусија на денешната седница на Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент, на чија агенда беше европското досие на Македонија.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи одговараше на бројните прашања на европратениците околу актуелните предизвици со кои се соочува нашата земја на патот кон Унијата, почнувајќи од скрининг процесот, реформската агенда, уставните измени па се до статусот на етничките заедници, со фокус на Бугарската етничка заедница.

Османи истакна дека Република Македонија покажа дека и во регион како Балканот полн со предрасуди, државите можат да бидат и функционални мултиетнички демократии како Република Македонија којашто служи како пример, не само за регионот туку и пошироко.

Доказ за тоа е Претседателството на Македонија со ОБСЕ, потенцираше Османи.

Османи истакна дека тоа што ги разликува државниците од политичарите е фактот дека државниците од Македонија мислат за идните генерации, наспроти политичарите кои мислат само за следните избори. Во тој контекст државата има цел да изгради совршен однос кон сите заедници без разлика на нивната бројност, каде сите граѓани без разлика на својата етничка припадност ќе имаат ист третман, но дека истовремено е потребно да се создава соодветна атмосфера и во соседна Бугарија и да се напушти праксата на провокации од политичари кои сред Скопје го негираат македонскиот идентитет и македонскиот јазик.

„Договорот со Бугарија и договорот со Грција и Охридскиот рамковен договор се трите столба на евроатланска Македонија. И јас се гледам себе си како чувар на трите договори. Јас уште еднаш пружам рака дека во Македонија имаме цел да изградиме перфектно општество како однос на државата кон сите заедници независно колку се тие бројни“, рече Османи.

Нагласи дека уставните измени, за кои денес почнаа институционалната расправа, ќе значат и формално можност за интегрирање на бугарската заедница.

„Почнува првата средба на Комисијата за уставни измени и со тоа почнува јавната дебата за уставните измени. Ќе се обидеме да стигнеме до секој граѓанин и да објасниме дека овој процес е важен и за интегрирањето на заедниците, меѓутоа и за продолжување на патот кон Европската Унија, но тоа нема да можеме да го направиме сами. За тоа ќе ни треба поддршка. Поддршка од вас во смисла на вбризгување кредибилитет во процесот”, рече Османи.

Меѓу другото, Османи повика јасни сигнали од Брисел за кредибилен и предвидлив евро-интегративен процес, како одговор на евроскептицизмот кој е во раст во земјава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.