Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, порача дека овој парламентарен состав треба да ги заврши уставните измени, бидејќи во спротивно ќе останеме изолирани во наредните 10 години, а треба само да се потврди тоа што веќе го има во Уставот.

Јас мислам дека овој парламентарен состав треба да ги заврши уставните измени заради многу причини. Прво, заради тоа што до ноември ако не се завршат преговорите прекинуваат со психолошки и административни последици. Второ, Албанија сигурно ќе го продолжи патот. Трето, со постигнатиот договор помеѓу Косово и Србија во Охрид сигурно ќе има нова забрзана патека за Западен Балкан, за да се наградат страните коишто беа конструктивни во разговорите. Тоа значи дека ние пак ќе останеме изолирани во наредните 10 години, за некаде во 2033 да седнеме и да ги направиме уставните измени, меѓутоа возот отишол, луѓето избегале во Германија да работат, надежта е убиена во земјата, а треба само да се потврди тоа што веќе го има во Уставот. Во категоријата други се и Бугарите, нема никаква разлика помеѓу именување и други и тоа е резултатот на овие преговори со Република Бугарија и тоа што успеавме да го направиме, посочува Османи.

Тој ги отфрли тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека уставните промени се прават под „бугарски диктат“, нагласувајќи дека станува збор за изнаоѓање начин заеднички да се излезе од дебатата од историски причини.

Кога ги почнавме разговорите со Бугарија единствено прашање беше како дебата за историските интерпретации да се разгледа во европскиот процес. Ние не прифативме односите со Бугарија да ги диктираат историските интерпретации, туку на прашањето дека има бугарско малцинство овде кое што ги заслужува сите права како и сите други граѓани, ние немавме ништо спорно. Дури напротив, ние сме познати и препознати во светот по однос на индивидуалните и колективни права. Тоа е наш терен, таму ние играме најдобро и затоа топката ја префрливме од историските интерпретации во прашања на човекови права, на малцинствата, изјави Османи.

Тој подвлече дека веќе кажал оти Бугарите се и сега во Уставот во категоријата „и други“, а тоа може да го потврди и Уставниот суд, кој вели, во таа категорија ќе ги наброи сите тие коишто се произлезени од пописот од минатата година.

Правно-формално нема разлика помеѓу „и други“ и Бугари, Хрвати, Црногорци. Тоа е само потврдување на веќе постоечкото. Затоа треба полека дебатата од партиско-политичкиот интерес на опозицијата да дојде на власт, да се префрли кај граѓаните. На граѓаните да им се објасни за што станува збор. Значи, уставните измени се потврдување на веќе постоечко именување на сите етнички заедници во Преамбулата на нашиот Устав. Кога граѓаните ќе ја видат формулацијата на уставните амандмани верувајте ќе ги отфрлат сите овие тези на опозицијата која што на нивниот страв се обидува да изгради политичка кариера. Тоа не е чесно кон своите избирачи, тоа не е чесно кон своите граѓани. И затоа сум јас оптимист и затоа мислам дека Мицкоски на крај ќе излезе поразен затоа што кога граѓаните ќе ги видат формулациите ќе сфатат дека биле излажани, вели Османи.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.