Во својство на претседавач со ОБСЕ во 2023 година, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари два одделни телефонски разговори со министерот за надворешни работи на Република Ерменија, Арарат Мирзојан, и министерот за надворешни работи на Република Азербејџан, Џејхун Бајрамов. Разговорите се фокусираа на состојбите во регионот на Јужен Кавказ, со посебен акцент на коридорот Лачин.

Како што соопшти МНР, Османи истакна дека внимателно ја следи состојбата околу коридорот Лачин, притоа изразувајќи загриженост за нејзиното влијание врз секојдневниот живот на цивилното население. Во таа насока, тој ги повика сите страни да ги намалат тензиите и да започнат конструктивен и продуктивен дијалог.

Османи истакна дека, како дел од пакетот алатки на ОБСЕ, мерките за градење доверба и нормализација на односите меѓу Ерменија и Азербејџан претставуваат клучни елементи за надминување и ублажување на предизвиците со кои се соочуваат луѓето на терен.

Во овој контекст, претседавачот со ОБСЕ Османи ја реафирмираше својата подготвеност за вложување лични напори во насока на смирување на тензиите и обезбедување свој придонес кон напорите за постигнување одржлив мир, најавувајќи и последователни одделни посети на Ерменија и Азербејџан за таа цел.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.