Македонскaта јавност е изморена и разочарана од предолгото чекање за влез во ЕУ – порача шефот на дипломатијата Бујар Османи пред Kомисијата за надворешни работи на Унијата. Османи пред европратениците истакна дека во време кога се случуваат тектонски промени на глобално ниво, долгите блокади прават штета која би можела да стане непоправлива. Разговорите со Бугарија како што кажа тој се во тек и побара од Унијата да донесе решителни одлуки, односно да и даде на земјава датум за почеток на преговори до крајот на француското претседателство бидејќи како што кажа, прашањето повеќе не било за кредибилитетот на Унијата туку за безбедноста на континентот.
Блокадата на нашиот долг европски пат кај граѓаните донесе најблаго речено, евроразочарување кое само се засилува. Од прозападни и проевропски граѓани, имаме еврофрустрирана јавност, вели Османи.
Обраќањето на Османи пред европратениците, сепак не помина не забележано од бугарскиот европратеник Јорданов, кој се пожали дека терминтие општа или заедничка историја меѓу Македонија и Бугарија не биле доволни, и земјава треба да признае дека има како што кажа, заедничка бугарска историја.
Кажавте за тоа како се развивала демократијата во Македонија. Јас добро паметам дека навистина добро се разви деморкатијата до степен што граѓаните слободно влегоа во Парламентот на Македонија и ги тепаа пратениците. Тоа ли е напреднатата демократија во Македонија? / Ние со вас имаме заедничка историја и таа е направена од еден народ и тоа е бугарскиот народ, му одговори бугарскиот европратеник Александар Јорданов.
Османи пак му врати дека регионот има доволно историја, а во моментов потребна е просперитетна иднина.
Мислам дека нашиот регион има доволно историја, тоа што ни треба е заедничка иднина. Ни треба повеќе просперитетна иднина во овие непредвидливи времиња. Предизвиците со кои се соочува регионот се заеднички и за вас и за нас, вели Османи.
Европското досие на земјава и перспективите за почеток на преговори до јуни годинава биле главна тема и на работниот појадок организиран од грчкиот министер Дендиас. На средбата на шефови на дипломатии на земјите членки на ЕУ, била и бугарската министерка Генчовска, а присуствувале и еврокомесарот Вархеји, но и високиот претставник Жозеп Борел, кој минатата недела во Скопје потврди дека не може да понуди ништо друго освен добра волја.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.