За нас нема алтернатива, освен еден ден овој регион да стане дел од Европската Унија, нагласи денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со шефот на турската дипломатија Мевљут Чавушоглу.

Османи потенцира дека земјава ќе продолжи со напорите за надминување на разликите со Бугарија, но и за исполнување на критериумите за членство во ЕУ.

Република Македонија го има започнато европскиот пат пред околу 20 години, но за жал и покрај 17-те години активен процес, се уште не ги има започнато преговорите поради различни предизвици што не се директно поврзани со ЕУ и исполнување на критериумите. Еден од споровите што во моментов го кочи тој процес е спорот со Република Бугарија, појасни Османи.

Се разбира, смета тој, ова одложување на процесот кај граѓаните на земјава создава незадоволство и разочарување.

Нашето убедување е дека ова требаше да биде Мерит заснован процес, односно процес во којшто доколку ги исполнувате критериумите, се движите напред во процесот. Меѓутоа за нас нема алтернатива затоа што ние сме географски внатре во ЕУ, регион опкружен со земји-членки на ЕУ. Нашата економија е 90 проценти поврзана со ЕУ и оттука нема алтернатива, освен еден ден овој регион да стане дел од ЕУ и ќе продолжиме со тие напори, се разбира надминувајќи ги разликите меѓутоа и продолжувајќи да ги исполниме критериумите нагласи Османи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.