Министерот за надворешни работи Бујар Османи, за време на посетата на Велика Британија, денеска се сретна со Алиша Кернс, претседателка на Комитетот за надворешни работи во Долниот дом на британскиот Парламент, со Мартин Викерс, претседавач на Групата за парламентарна соработка со Македонија и трговски пратеник за Западен Балкан, Баронесата Баркер заменик претседавачот на Групата, и пратеничката Венди Мортон, поранешна министерка за Европа.

Како што соопшти МНР, на овие средби Османи се заблагодари за сесрдната и континуирана британска поддршка што ги отсликува високо развиените и партнерски односи меѓу двете држави, кои оваа година бележат 30 години од нивното воспоставување.

Високо ја цениме поддршката на Обединетото Кралство во зајакнувањето на парламентарната демократија во Македонија, во клучните области како владеењето на правото, градењето капацитети во судството и безбедносниот сектор, борбата против корупцијата, родовите прашања, рече Османи, истакнувајќи дека земјата е посветена на исполнување на критериумите за полноправно членство во ЕУ.

Османи брифираше за процесот на усвојување на уставните измени, со очекување дека истиот ќе има завршница до крајот на годината, со што земјава ќе ги продолжи пристапните преговори со ЕУ.

На средбите беа разменети мислења и за актуелните состојби на Западниот Балкан, потенцирајќи дека фокусот на Обединетото Кралство кон регионот е од исклучителна важност, со цел стабилен и просперитетен Балкан, стои во соопштението на МНР.

Османи во текот на денот оствари средба и со Ник Кацарас, генерален директор за Русија и Украина при Секретаријатот за национална безбедност во британската Влада, на која стана збор за улогата на ОБСЕ во зачувување на разнишаната европска безбедносна архитектура. Османи во својство на претседавач со Организацијата, информираше за планираните активности, како и за претстојните предизвици кои бараат заеднички одговор.

Османи ќе ја заокружи посетата на Велика Британија со средба со специјалниот пратеник на британскиот премиер за Западен Балкан, Стјуарт Пич.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.