Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Кореја, Парк Џин, во рамки на Бледскиот стратешки форум.

Во фокус на разговорите биле можностите за унапредување на соработката меѓу двете земји по воспоставувањето дипломатски односи во 2019 година, со посебен акцент на економските релации и бизнис врските.

Економската соработка останува главен фокус на нашиот заеднички интерес. Пред нас се отвараат големи можности за зголемување на трговската размена и бизнис вмрежување. Вложуваме значителни напори во економската дипломатија и сме посветени во креирањето поволни услови за странските инвеститори“, изјавил Османи подвлекувајќи дека инвеститорите од Република Кореја во македонската влада ќе имаат доверлив и транспарентен партнер за реализација на нивните потенцијални идни проекти.

На средбата станало збор и за актуелните безбедносни предизвици по војната во Украина, а воедно е поздравена и соработката меѓу НАТО и азиските партнери, каде значителна улога има Република Кореја.

Потребата од збогатување на договорната рамка и зајакнувањето на мултилатералната соработка исто така биле теми на разговор, а се размениле мислења и за надворешно-политичките приоритети на двете земји, како и за актуелните регионални и меѓународни прашања.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.