Потврдено е дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен ќе дојде на неформалната вечера на министрите на ОБСЕ која ќе се одржи на 29 ноември (среда) во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, изјави на денешниот брифинг со новинарите, министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Османи не можеше да каже дали на неформалната вечера ќе присуствуваат и рускиот и украинскиот министер бидејќи, како што нагласи, агендите на сите министри се различни и според тоа не мора да значи дека сите министри ќе бидат присутни сите три дена.

Во кој дел од трите дена ќе биде присутен Лавров, не можам да кажам во овој момент. Сите не можат во сите три дена да останат. Дали ќе им се поклопат термините на престој, не можам да кажам. Делегациите ќе бидат сите, за министрите не знам, зависи од нивните агенди, очекувам сите да бидат тука – рече Османи.

На новинарско прашање, дали МНР го договорило доаѓањето на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и дали за тоа има поддршка од министерката за одбрана Славјанка Петровска, имајќи предвид дека таа на вчерашната владина седница по ова прашање гласала воздржано, Османи потенцираше дека со колешката се на иста линија по однос на националниот капацитет, но тука не станува збор за билатерална средба.

Министерката Петровска била воздржана за владината одлука за укинување на забраната за слетување на авионот на Лавров

Во национален капацитет, како министер за надворешни работи, би бил против, но тука Лавров не доаѓа во билатерална посета, туку доаѓа во земја домаќин на ОБСЕ. Во национален капацитет сме на иста линија со министерката Петровска, но мора да се прави разлика. На вчерашната седница, Владата ни даде овластување, на МНР да даде согласност за доаѓањето на Лавров, а Министерството за одбрана да ги даде повикувачките броеви, бидејќи МО ги дава повикувачките броеви за сите владини авиони и потоа ние како МНР даваме дозвола. Значи, за дипломатски авиони дозволите ги дава МНР врз основа на повикувачки број од МО. Затоа Влада не овласти ние да донесеме одлука. Ако ние процениме дека треба да дојде, ќе бараме од МО повикувачки број. Мора тоа побрзо да се одлучи бидејќи нема време, треба да се издаваат визи, а нашата амбасада во Москва ги прима апликациите – објасни Османи.

Тој посочи дека се уште се договараат земји за прелет.

Нема многу опции, тоа се Бугарија и Грција. Ако ние донесеме одлука, не гледам зошто тие би се противеле. Лавров беше и во Њујорк во САД во ОН, не беше во САД во билатерална посета. Тука не доаѓа во Скопје, доаѓа во ОБСЕ. Мора да ја направиме разликата – дециден беше министерот за надворешни работи.

На прашањето, каков е ставот на Киев за доаѓањето на Лавров, шефот на македонската дипломатија посочи дека е во постојана комуникација со украинскиот колега.

Бев во Киев, разбирам колку е осетливо прашањето и тоа повеќе ја комплицира нашата работа. Во ваква поделба, доаѓањето на еден, ризикува доаѓање на друг. Нас ни е важно како ОБСЕ да биде здраво и живо после министерскиот совет – изјави Османи на брифингот со новинарите.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.