Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес и утре (29 и 30 август) ќе престојува во Словенија, каде ќе учествува на традиционалниот 17-ти по ред Бледски стратешки форум насловен „Владеење на моќта или моќта на правилата (Rule of power or the power of rules).

Овогодинешниот форум ќе биде посветен на дискусиите за кризата на мултилатералниот поредок, последиците од руската агресија врз Украина и одговорот на меѓународната заедница на новите предизвици.

Во своето седумнаесетгодишно постоење, Бледскиот стратешки форум прерасна во водечка меѓународна конференција во Централна и Југоисточна Европа, која привлекува широк спектар на учесници – државници, политичари, професори, бизнисмени, кои дебатираат за современите регионални и глобални предизвици и да бараат иновативни решенија.

Министерот Османи ќе има свое обраќање на панелот „ЕУ и Западниот Балкан: кој е подготвен“, на кој ќе учествуваат и заменик помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар; министрите за надворешни работи на Косово, Доника Гервала Шварц, Црна Гора, Ранко Кривокапиќ и БиХ, Бисера Турковиќ; специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Србија и Косово и други регионални прашања, Мирослав Лајчак; високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмид и Зоран Нечев од Институтот за демократија Социетас цивилис – Скопје.

На маргини на Форумот, Османи се очекува да оствари и билатерални средби со свои колеги и други учесници на Форумот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.