Министерот за надворешни работи, Бујар Османи изјави дека Македонија формално сè уште го нема добиено францускиот предлог, кој треба да стигне откако Унијата, односно сите 27 членки во неа ќе имаат усогласен став за документот.

Се разбира, јас имам начин како да имам пристап до тој документ, правиме анализа, но, ќе кажеме наш став за сите прашања кога ќе дојде време за тоа, кога ние ќе сметаме дека ќе биде во наш интерес тоа да го направиме, изјави Османи.

Одговарајќи на новинарско прашање за прифатливоста на измените во преговарачката рамка што ги предлага Франција Османи рече дека ги следи со внимание сите јавни објави и сите реакции на граѓаните.

Меѓутоа, тоа што се случува е дека вчера има предлог на претседателството до земјите членки вклучувајќи ја и Република Бугарија, за да се изјаснат за одредени идеи кои што француското претседателство смета дека можат да бидат основа за продолжување на процесот. Јас мислам дека не е во наш интерес ние да ги кажеме нашите позиции во однос на таквите предлози додека не ги слушнеме позициите на земјите членки, откако земјите членки ќе ги изразат своите забелешки, а тоа се 26 земји членки, секоја да каже свој став, рече тој.

Според она што го пренесуваат медиумите во двете земји, Франција, која во моментов претседава со Советот на ЕУ, предлага условите на Бугарија за Македонија да бидат вклучени во преговарачката рамка на земјата за пристапување во Европската унија, а дека ЕУ треба да го гарантира нивното спроведување.

Лидерите на земјите од Западен Балкан ќе пристигнат во Брисел на 23 јуни за средба со нивните колеги од земјите членки на ЕУ. Во меѓувреме, од понеделник, се очекува интензивна дипломатска активност во сите престолнини на ЕУ и во Скопје околу предлозите што ги поднело француското претседателство.

Конечниот збор го имаат сите 28 земји вклучени во процесот, 27 земји членки на ЕУ заедно со Македонија на која се однесува овој документ, кој треба да биде клучен за тргање на двегодишното бугарско вето.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.