Министерот за надворешни работи Бујар Османи оствари проштална средба со амбасадорката на Шведска, Кристин Форсгрен Бенгтсон, на која и изразил благодарност за нејзиниот континуиран ангажман во насока на интензивирање на билатералната соработка помеѓу двете пријателски земји за време на нејзиниот мандат.

Како што соопшти МНР, во рамки на разговорот, Османи ја потенцирал важноста на шведската развојна поддршка за реформските процесите во Македонија, особено во областа на владеење на правото, демократизација на општеството, развивање на пазарна економија, како и заштита на животната средина и ублажување на негативните последици од климатските промени.

Во соопштението се додава дека Османи се заблагодарил за принципиелната и конзистентна шведска поддршка за брз и мериторен напредок во пристапниот процес на Македонија кон полноправно членство во ЕУ, особено имајќи го во предвид претстојното шведско претседавање со Советот на Унијата во првата половина од 2023 година.

Дополнително, министерот Османи информирал дека Македонија ги депонирала во Стејт департментот на САД, инструментите за ратификација на протоколите за членство на Шведска и Финска во НАТО, со очекување процесот целосно да се заокружи и што поскоро приклучување на двете земји како полнопра вни членки во Алијансата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.