Се уште немаме решение за отворените прашања што би било прифатливо и за Бугарија и за Македонија, изјави денеска во Софија министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Османи потврди дека разговорите се во тек и повика историските прашања да се препуштат на билатералната Историска комисија.

Имаме историска одговорност да го консолидираме регионот. Република Бугарија има стратешки интерес регионот да биде стабилен и европски – изјави Османи, кој денеска во Софија учествуваше на Регионалниот форум за односите меѓу Европската унија и Балканот (EU meets Balkans).

На прашање дали Македонија ќе инсистира на промени во бугарската Декларација, за да се повлече ветото на Софија за почеток на преговорите со ЕУ, Османи истакна дека за земјава е важен односот на Бугарија кон преговорите.

Важно е да се вратиме на европскиот и евроатланскиот курс. Бугарија го поддржува процесот на проширување од почетокот на нејзиното членство во Европската Унија. Проширувањето не е само наш интерес, туку и геостратешки интерес за целата ЕУ – нагласи Османи.

Во врска со најавите дека Албанија ќе бара раздвојување на европскиот пат на Тирана и Скопје, Османи рече дека изјавата на албанскиот премиер Еди Рама е цитирана неточно, додавајќи дека тој рекол оти ќе ги праша граѓаните, а не дека Албанија одлучила да бара раздвојување од  Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.