Министерот за надворешни работи и Претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи заедно со вработените во МНР денеска засадуваа дрва на покривот на Министерството како пример за одговорно однесување кон животната средина и справување со проблемот со аерозагадувањето.
„Грижата за животната средина треба да биде врвен приоритет во сите наши акции што ги правиме и како луѓе, но пред сè и како официјални претставници на државата. Климатска акција и борбата со ефектите од климатските промени се еден од нашите три главни приоритети на Претседавањето на Македонија со ОБСЕ во 2023 година. Преку оваа наша зелена дипломатија сакаме да поттикнеме и другите институции и поединци да го следат овој пример“, рече Османи.
Османи потенцираше дека заштитата на животната средина е многу важна компонента од човековата димензија на ОБСЕ и директно се поврзува и со безбедноста, бидејќи загрозувањето на животната средина, неодржливото користење на природните ресурси и лошото управување со отпадот имаат огромно влијание врз здравјето, добросостојбата, стабилноста и безбедноста на земјите.
„Засадувањето на дрва и создавањето на мали зелени оази на покривите е особено важно за центарот на Скопје. Според официјалните анализи, центарот претставува урбан топлотен остров и затоа позеленувањето на што повеќе површини може да има двоен ефект – да придонесе за намалување на температурите во лето и да ги намали штетните ефекти по здравјето на граѓаните предизвикани од аерозагадувањето“, рече Османи.
Влијанието на климатските промени е еден од најголемите глобални предизвици, што ја засегаат и нашата земја, рече Османи и истакна дека ќе продолжи да ја става оваа тема на маса на сите состаноци како Претседавач со ОБСЕ и да работи на добивање поддршка за заедничка акција од сите земји-учеснички на ОБСЕ во насока на понатамошно подигање на свеста за врската на климатските промени и безбедноста, преку конкретни акции и активности.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.